Линкови за пристапност

Протести на Косово за уапсените во Куманово

  • Синиша Станковиќ

Македонскиот обмудсман се жали за опструкција од Управата на зaтворот

„Итно бараме косовската Влада да преземе конкретни дејства во идентификување и донесување на телата на загинатите за слобода и правда на Албанците во Македонија“, стои во барањето на лицата кои денес напладне, пред Владата во Косово одржале протест за ослободување на затворените лица, косовски државјани, уапсени по дводневната полициска акција во Куманово, во која биле убиени осуммина полицајци, и, според други информации, 10 или 14 косовски напаѓачи, а биле ранети 37 македонски полицајци.

Според информациите на медиумите од Косово, кои ги пренесоа дел од македонските медиуми, роднини на припадниците на вооружената група напаѓачи од Косово, кои беа убиени во судирите во Куманово, биле организатори на протестот и побарале од Македонија да им ги предаде телата на нивните загинати роднини.

Според Макфас, 500 до 600 етнички Албанци, роднини на убиените косовски граѓани во Куманово, им одале почит на убиените со едноминутно молчење. На протестите учествувале поранешни припадници на ОВК, како и неколку пратеници од редовите на Алијансата за иднина на Косово и движењето „Самоопределување“. Тие побарале државните институции на Косово итно да ги заштитат уапсените косовски државјани, зашто според нив, „во Kуманово се водела борба за правда и достоинство на Албанците“.

Учесниците во протестот ја осудиле и индиферентноста на косовските институции, кои според нив, не реагирале на „малтретирањето на нивните граѓани во Македонија“. Според, цитираните косовски медиуми, претседателот на ветераните на ОВК, Џавид Јашари рекол и дека „оние кои се бореле во Куманово се херои“, а неговата организација на ветерани на војната на Косово, го поддржала протестот, затоа што семејствата на поранешните борци на ОВК, чии имиња беа на листата на загинатите, според македонското МВР, не добиле и официјални информации на Косово. Скендер Красниќи, татко на Мухамед Красниќи (Командант Малишева), побарал државна помош, зашто според него, затворениците се држеле во нехумани услови, а братот на загинатиот Мирсад Ндрецај (Командант НАТО) рекол дека неговиот брат отишол во Македонија да се бори за правата на Албанците, а не за пари.

Кумановската престрелка, се заканува и да ги залади односите меѓу Косово и Македонија. Според косовскиот Oranews, властите во Косово испратиле протестна нота до македонските власти поради недостатокот на информации за вклученоста на косовски граѓани во инцидентот. Но, според одделни медиуми, додека паравоена формација под команда на Ндрецај - Командант НАТО, се формирала на косовска територија, ја нападнала поранешната караула кај Гошинце и се утврдила во Куманово, косовското Обвинителство се сомневало дека на мета на вооружените екстремисти биле и цели во Косово.

Македонските медиуми ја цитираат косовската пратеничка Аида Дергути, член на Комисијата за надзор на Агенцијата за разузнавање на Косово, според која, уште на 23 февруари косовските разузнавачи ги информирале косовскиот претседател, премиерот и министерот за внатрешни работи за намерите на групата на Ндрецај. Но, од косовската полиција се` уште нема официјален став - дали по нападот на караулата во Гошинце и јавното признане на Надрецај, дека тој и неговата група го извеле нападот, е нешто преземано за расветлувањето на активностите на групата и на Косово. Според одделни косовски медиуми, полицијата извршила претрес во домовите на уапсените и загинатите косовски граѓани во Куманово.

Состојбата со уапсените косовски граѓани по кумановските настани, има последици и на македонската политичка сцена, откако омбудсманот Иџет Мемети обелодени дека меѓу приведените бил и актуелен припадник на македонската полиција, кого колегите при водење во затвор, наводно го малтретирале и мачеле.

„Имаме сознанија дека над еден приведен е сторено кривично дело мачење. Се работи за државјанин на Република Македонија, кој бил вработен во полиција, а е од Куманово. Дојдовме до сознанија дека лицето било лошо третирано и малтретирано откако е донесено решението за мерка притвор. При носењето од судот кон затворот за издржување мерка притвор, имаме доволно докази дека бил малтретиран од припадници на полицијата, кои за нас се непознати, но за органот се познати затоа што се знае точно кои биле полицајците што го добиле решението и налогот да го однесат за издржување на мерката притвор“, вели Мемети, според кого, институцијата Народен правобранител се соочува со опструкции од Управата на затворот Скопје.

XS
SM
MD
LG