Линкови за пристапност

Преговoрите во Стразбур не донесоа решение за кризата

  • Борјан Јовановски

Сите страни се согласиле дека треба да има натамошни средби.

Десет часа преговори во првата директна средба на Груевски и Заев под медијаторство на европратениците во Стразбур не донесоа поместување од мртвата точка. Првата рунда, која започна вчера во 17.30 и траеше до рано изутринава заврши со соопштение на тројцата пратеници од Европскиот парламент, во кое стои:

„Во контекст на разговорите кои се во тек, премиерот Никола Груевски и лидерот на главната опозициска партија Зоран Заев, се сретнаа со Иво Вајгл, Евдард Кукан, Ричард Ховит и комесарот Јоханес Хан во Стразбур на 19-20 мај 2015 година. Пратениците и комесарот Хан ги поздравуваат напорите на лидерите на партии да работат кон договор во интерес на сите граѓани на земјата и да се решат предизвиците кои произлегуваат од кризата во согласност со европските стандарди. Партиите ја потврдија нивната определба за европската интеграција и демократските принципи и се согласија дека на прво место мораат да ги стават интересите на земјата.“

Според соопштението, сите страни се согласиле дека е важно да има натамошни состаноци.

На средбата во Стразбур од ВМРО-ДПМНЕ присуствувале Сашо Мијалков, Никола Тодоров, Мартин Протуѓер и Никола Поповски, додека од страната на СДСМ лидерот го придружувала Рената Дескоска.

Од двете делегации одбиваат да дадат било каков коментар за средбата најавувајќи дека разговорите ќе продолжат. Во меѓувреме, се погласно пристигаат предупредувања дека доколку нема напредок, Македонија ризикува да ја загуби европската перспектива.

„Загрижен сум за иднината на земјата, загрижен сум за враќање кон нестабилност, за притисоци што можат да водат кон тажни и трагични инциденти кои ги видовме во Куманово. Не велам дека има врски меѓу политичката криза и она што таму се случи, но многумина со кои зборував веруваат дека таква врска, праведно или неправедно, постои. Загрижен сум дека оваа година ќе има негативна препорака од Европската комисија и едноставно, не само што ќе немаме одлука за почеток на пристапни преговори, туку нема да имаме ни пат што води кон тоа. Тоа би било лошо за земјата, лошо за нејзиниот меѓународен углед, лошо за инвестициите, бизнисот, работните места, просперитетот“, изјави Ричард Ховит за Алсат- М.

XS
SM
MD
LG