Линкови за пристапност

Републиканците 2016 и надворешната политика


Надворешната политика доминира во раната фаза на претседателската кампања

Иако се` уште е рано во претседателската кампања 2016, прашања од надворешната политика, како спротивставување на Исламската држава и преговарање со Иран за нивната нуклеарна програма, продолжуваат да доминираат во дебатите меѓу републиканските аспиранти за Белата куќа.

За време на посетата на Њу Хемпшир , државата каде обично се одржува раното гласање, неделава гувернерот на Њу Џерси Крис Кристи се заложи за поактивно присуство на САД во странство.“Никој веќе не разбира со кого е и против кого е Америка. Никој не разбира веќе за што се залагаме и што сме волни да жртвуваме за да го одбраниме тоа.“

Кристи се очекува наскоро да соопшти дека се кандидира, и е еден од над десетмината републиканци кои или формално се приклучиле на трката 2016 или размислуваат за кандидатура за претседател следната година.

Целење на Исламската држава

За време на неодаменешен форум во Ајова, исто така држава во која има прелиминарно гласање, поранешниот сенатор на Пенсилванија Рик Санторум ја понуди својата стратегија за спротивставување на Исламската држава. „Тие сакаат да го вратат назад Исламот од седмиот век, и затоа мој предлог е – да ги натовариме бомбардерите и да ги бомбардираме назад во седмиот век!“

Републиканскиот сенатор од Јужна Каролина Линдзи Грем кажа дека ќе ја објави својата кандидатура на 1-ви јуни и вети дека ја направи националната безбедност фокална точка на неговата кампања.

Грем за емисијата „Ова утро на ЦБС“ рече дека решил да се кандидира затоа што „светот се распаѓа.“ На форумот во Ајова тој исто така кажа дека заканата од Исламската држава бара распоредување на американски копнени трупи. „И јас имам една едноставна цел, да обезбедам оваа војна никогаш повеќе да не се врати овде, а тоа значи некои од нас ќе треба да одат таму да се борат.”

Спротивно становиште на Пол

Но еден републикански кандидат, сенаторот од Кентаки Ранд Пол, останува скептичен за армиско инволвирање на САД во странство во светлина на ирачката војна. „Има ли повеќе хаос, или помалку хаос? Дали ИСИС сега е поголема закана заради нестабилноста?“

Пол исто така кажа дека неодамнешниот фокус на тоа дали сегашните републикански претседателски кандидати би извршиле инвазија на Ирак, сега знаејќи дека разузнавачките податоци биле погрешни, е легитимна тема за дискусија.“

Поранешниот гувернер на Флорида Џеб Буш, еден од републиканските фаворити, имаше проблем по прашањето минатата недела пред конечно да каже дека не би отишол во Ирак ако го знаел тоа што сега го знае.

Буш вршеше притисок за силна улога на САД во странство во неговото обраќање пред форумот во Ајова. „Кој ќе се погрижи за христијаните кои беа убиени во Кенија само затоа што биле на универзитет? Кој ќе се погрижи за христијанските девојчиња во северна Нигерија? Освен нас, кој?“

Надворешна политика или економија?

Раниот републикански фокус на надворешната политика е невообичена работа за претседателска кампања. „Често нашите избори се за домашни прашања дури и кога важни надворешнополитички работи се во тек,“ кажа Џон Фортиер од Двопартискиот центар за политика во Вашингтон. „Светот е проблематичен на многу начини и тешко е надворешната политика да се држи подалеку од сцената. Дали тоа ќе биде добра работа за Хилари Клинтон, која е многу искусна во надворешната политика но која сепак е замешана во надворешнополитички прашања кои се потенцијално контроверзни? Ќе видиме.”

Демократската анкетарка Селинда Лејк за Гласот на Америка кажа дека не верува оти трката 2016 ќе заврши со доминација на надворешната политика. Лејк вели дека гласачите ќе се фокусираат на економијата и на сопствената перспектива во иднина. „Американците бараат лидер кои ги сфаќа предизвиците во светот и кој има јасна економска порака и двете партии имаат предизвици и можности за економијата.“

До сега шестмина републиканци официјално ја објавија својата кандидатура. Меѓу демократите има само двајца во моментов, Клинтон и сенаторот од Вермонт Берни Сандерс.

XS
SM
MD
LG