Линкови за пристапност

Заев го најави протестот во недела како мирен и „невиден досега“

  • Соња Трајковска

На прес конференција во партиското седиште лидерот на СДСМ објави нова серија на наводно прислушкувани разговори меѓу високи функционери во владата.

„Граѓани да не подлегнуваат на црните сценарија што ги прави власта на Никола Груевски, и да излезат на натпартиски граѓански мирен протест и да покажат како се сака Македонија, да покажат заедништво“, рече лидерот на опозицискиот СДСМ Зоран Заев, најавувавјќи го протестот што во организација на голем број невладини и граѓански организации и опозициски партии ќе се одржи в недела во Скопје. Притоа, на информациите во некои медуми дека наводно опозицијата подготвува насилства, Заев истакна дека „ако власта е неодговорна, ние сме одговорни и ќе направиме сè да не се случи инцидент или конфронтација“.

Протестот, кој според Заев ќе биде „ мирен, ненасилен, масовен и невиден досега“, тој го најави на прес конференцијата во партиското раководство, каде денеска беше објавен нов серијал телефонски разговори, наводно на владини функционери, кои, како што рече, покажуваат колку се тие „насилни од хир, насилни поради нетрпение кон политички противници, мразат од нетрпеливост поради секаков вид припадност, се заговарачите на сценарија, убијците на нашата заедничка иднина, а жртви овде се сите и “нивни“ и “наши“ и “ваши“, секој еден граѓанин во земјава“.

Денеска беа објавени 16 телефонски разговори, за кои опозицијата тврди дека се меѓу премиерот Никола Груевски, сега бившите министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, шефот на Кабинет на премиерот Мартин Протуѓер, екс-директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков. Во нив се говори за скандали и насилства на, наводно првиот човек на обезбедувањето на премиерот, и на некои други припадници на безбедносните сили, а дел од тие насилства биле и на изборен ден во Струга.

Во дел од телефонските разговори, според Заев, е и гласот на премиерот Груевски како наводно тој одлучува каде ќе бидат изградени барокни зданија за државните институции. Во други пак, може да се чујат и закани за новинари, за кои Заев тврди дека се од шефот на Кабинет на премиерот Протуѓер, поради одредени нивни ставови и написи. Во денешната „бомба“ на опозицијата се споменува и случајот од Гостивар, кога полицаец Македонец во кавга за паркинг место убил свој сограѓанин Албанец. Според Заев, монструозноста во овој случај, се огледува преку разговорот наводно меѓу министерката Јанкуловска и нејзиниот портпарол Иво Котевски.

„Јанкуловска и нејзиниот помошник, портпаролот Иво Котевски, прават калкулации со ќеркичката на полицаецот кој заврши во затвор. За свои интереси, нечовечки, планираат да го изложат девојчето на сурова медиумска експлоатација - ќе слушнете како треба тоа да го реализира уредничка во Сител, што работи по нивни инструкции“, рече Заев.

„Оваа власт на Никола Груевски работи на уништување на соживотот во Македонија, секој ден перфидно, зад маски, зад кулиси ја поткопува и ја загрозува иднината на нашите деца“, рече лидерот на СДСМ, најавувајќи ги телефонските разговори, наводно меѓу Јанкуловска, Мијалков и Протуѓер, каде се слушаат навредливи зборови како „шиптаришта“, за етничките Албанци, дека прават „косовизацина на Македонија“, дека „соживот со нив нема“, а во еден момент еден од соговорниците, за кои Заев тврди дека е шефот на Кабинет на премиерот, Протуѓер, предлага „да имаме војна“, додека соговорничката за која Заев вели дека е Јанкуловска одговара со: „ние, ако е за да покажеме кој е посилен, за еден саат ќе ги смачкаме“.

Одговарајќи на новинарски прашања во врска со протестот в недела, Заев рече дека од СДСМ се ангажирани да им обезбедат превоз на сите надвор од Скопје кои сакаат да дојдат, и доколку продолжат, како што рече, опструкциите од власта.

„Високи претставници на власта прават низа притисоци. Ако треба и со возови, со багери и тактори народот ќе дојде. Апелирам до власта и до Груевски, да не прават проблеми. Протестите ќе бидат мирни и ненасилни“, рече тој, додавајќи дека протестот нема да биде еднодневен туку ќе продолжи со различни содржини.

XS
SM
MD
LG