Линкови за пристапност

Неколку илјади демонстранти пред Bладата на Македонија

  • Соња Трајковска

Дел од обраќањата беа и за ослободување на 12- темина притворени на првиот ден од протестите, на 5-ти мај

Под паролата „Збогум Никола“ и денеска неколку илајди граѓани организирани од граѓанското здружение „Протестирам“ одржаа мирен протест. Собирот започна во 18 часот близу Владата, каде од кордонот полиција учесниците беа спречени да се приближат до зградата, по што продолжија пред Основниот суд, и завршија пред Парламентот.

Демонстрантите извикуваа „Оставка“, „Збогум Никола“, „Нема правда, нема мир“, и „Долу диктатура“, носејќи ленти со натпис #протестирам.

Како што истакна активистката Биљана Гинова, од протестот се упатуваат три барања до Владата: оставка на целата Влада, ослободување на лицата притворени по протестот на 5-ти мај и формирање Влада која ќе ги демократизира институциите.

„Груевски ги пуштил пипците во сите пори на општеството, тој раководи со секој сектор, од извршната, законодавната до судската власт. За тоа дали нешто е неуставно, судот одлучува само ако тој каже. Тоа мора да престане. Мора да се стави крај на оваа диктатура“, рече Здравко Савески од левичарското движење „Солидарност“, во обраќањето пред демонстрантите пред Собранието. По него следуваа обраќања на повеќемина активисти, меѓу кои и оние кои побараа оставка од, како што рекоа, министерот за нездравство, посочувајќи го примерот на 9- годишната велешанка Тамара, која почина чекајќи Фондот за здравство да и` одобри лекување во странство.

Дел од обраќањата беа и за ослободување на 12- темина притворени на првиот ден од протестите пред Владата, на 5-ти мај, за кои Основното јавно обвинителство поднесе обвинителен предлог до судот за кривично дело учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие и побара продолжување на притворот. Од нив еден е во домашен притвор, а за еден е предложена замена на мерката притвор со мерка за претпазливост.

Судот го прифатил предлогот на надлежниот јавен обвинител.

Според податоците на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, од 5-ти мај досега се приведени 42 лица.

XS
SM
MD
LG