Линкови за пристапност

Средношколците го радикализираат протестот

  • Синиша Станковиќ

Расте поддршката за учениците

„Разбудете се, заедно со нас - средношколците. Излезете пред МОН за да не се бориме сами. Ова е подвиг за промена. Запаметете дека еден ден и вие ќе бидете дел од машината што предизвикува кршење на кичма и операција во странство. Интелектуалната борба е во тек, и во насока на тоа, сигурно нема повлекување“, стои во повикот до јавноста за утрешниот протест, со кој ќе се радикализира три ипол неделниот бојкотот на наставата на дваесеттина илјади македонски средношколци. Скопските средношколци кои веќе една седмица „кампуваат“ пред Министерството за образование и наука, и кои имаа неуспешни средби со со ресорниот министер Абдулаќим Адеми и со вицепремиерот Владимир Пешевски, утре и задутре ќе ја блокираат улицата пред МОН, за да ги убедат надлежните да ги продолжат преговорите со нив.

„Тие сакаа да си поиграат со нас и сега ќе не видат на улица, заедно со нашите родители, нашите наставници, со сите граѓани кои не поддржуваат. Останува да пробаме да издејствуваме уште една средба да се постигне компромис околу екстерното тестирање, ако не, ние не се повлекуваме оттука“, соопштија средношколците, кои добија поддршка од 10 илјади граѓани кои се потпишаа на нивната петиција. Граѓаните донираат и храна вода и ќебиња за учениците – демонстранти во шаторите.

„На генерален пленум одлучивме да ги потпишеме пријавите за полагање на државна матура за да бидеме ставени во системот за полагање и да се фатат роковите, но не се враќаме на настава! Побаравме уште една средба со надлежните на која би се вклучиле сите засегнати страни. Веруваме дека работите може да се подобрат“, порачаа средношколците членови на Пленумот.

Средношколците тврдат дека надлежните ги одбиле сите нивни предлози за елиминирање на нелогичностите на екстерното тестирање и на новиот начин на полагање на државната матура.

Дел од нивните родители вчера одржаа „родителска средба“ на која разговараа за актуелниот бојкот, а поддршка им даде и Наставничкиот пленум.

„Време е да ги примите во кабинетите во Министерството за образование и наука за да ги чуете, за да се обидете да ги разберете и да се обидете да им ги олесните начините на вреднување на нивната работа“ се вели во пораката на Пленумот до МОН .

И самите средношколци упатија писмо до вицепремиерот Пешевски, кое му го пренесе Наставничкиот пелнум.

Средношколците се децидни дека нивната „кауза е чиста, целта алтруистичка и добронамерна“.

„... отворено и јавно Ве покануваме, пред сè како родител, а потоа како вицепремиер да дојдете во кампот на средношколците, да видите колку ни е „убаво и лесно“. Почувствувајте ни ја ја болката, предизвикана од Вашиот некоректен однос, а потоа повторно кажете ни „знам јас тебе кој те праќа “. Но овој пат сторете го тоа пред сите средношколци. Деца сме кои ги научија игрите на возрасните. Од се срце ви благодариме за искуството. Сега знаеме како НЕ треба!“, се вели во писмото на средношколците до вицепремиерот Пешевски

И професорот Душко Стојановски од скопската гимназија „Орце Николов“ испрати отворено писмо до средношколците, до родителите, до неговите колеги и директорите, каде меѓу другото вели:

„Вие, пленумци, се исправивте пред предизвикот и јасно и гласно кажавте што сакате. Дека сакате здраво образование што ќе создава здрави луѓе. Дека сакате здраво општество со еднакви можности за сите. Дека сакате да живеете и да се развивате дома. Сега сме ние на ред, ние задоцнетите, заспаните, исплашените. Ние, вашите родители и наставници. Ние треба да покажеме кој пат го бираме... Потребни сме Ви сега“, пишува во отвореното писмо скопскиот професор.

XS
SM
MD
LG