Линкови за пристапност

Првите холандски туристи пристигнаа на охридското крајбрежје

  • Сашо Митан

Тие рекоа дека очекуваат добра услуга, одлична храна, и - љубезни луѓе.

Првата група холандски туристи на охридското крајбрежје пристигна на аеродромот „Свети Апостол Павле“ преку туроператорите „Корендон“ и „Фибула Ер Травел“.

Околу 180 гости беа пречекани на традиционален македонски начин, со сол и погача. Според генералниот директор на ТАВ Македонија Зоран Крстевски, со првиот лет од Холандија има и патници кои претходно биле во Охрид, со што како што рече, се потврдува посветеноста на ТАВ кон патниците, но и воопшто, кон развојот на туризмот.

„Годинава на охридскиот аеродром очекуваме летови со триесеттина илјади туристи, од Бенелукс и други дестинации. Годинава ТАВ даде и дополнителни атрактивни попусти за компаниите кои летаат на охридскиот аеродром и очекуваме нивниот број да се зголеми со оглед на тоа што туристичката понуда на охридската ривиера се` повеќе ги задоволува потребите на голем број туристи од регионот и светот“, изјави Крстевски.

Како што нагласи менаџерот на „Фибула Ер Травел“ Асим Меџедовиќ, годинава, овој туроператор очекува за 20 отсто зголемен број туристи во однос на минатата година.

„Со новите програми што ги воведовме како што е услугата ол-инклузив во некои од хотелите и вметнување хотели кои имаат побогати содржини, им даваме поголем избор на гостите и туроператорите кои ќе доаѓаат во Македонија. Предвидени се три чартер летови неделно и четири во шпицот на сезоната. Нашите очекувања се дека гостите ќе бидат задоволни, ќе им се понудат попрофесионални услуги и екскурзии и ќе се вратат повторно во Охрид, истакна Меџедовиќ.

Холандските туристи кои излегоа од првиот чартер-лет на аеродромот во Охрид рекоа дека нивните очекувања се да им биде понудена добра услуга, одлична храна, но и да ги пречекаат љубезни луѓе.

Со денешниот прв чартер-лет од Амстердам започна организираното носење туристи во Охрид и Струга. На 10-ти јуни се очекува да биде воспоставен летот за Лондон, а на 1-ви јули и летот за Базел. Годинава се очекуваат летови од Швајцарија, како и веќе востановените чартер-линии од Австрија.

XS
SM
MD
LG