Линкови за пристапност

Средба на средношколците со министерот за образование


Минала без резултат, според Средношколскиот пленум. Владата вели - ги примила само поради загриженоста за безбедноста на учениците коишто кампуваат спроти Министерството

Средношколците денеска поставија шатори во паркот карши Министерството за образование и најавија дека ќе бидат таму се` додека на добијат можност да разговараат со надлежните во Министерството во врска со нивните барања. Тие бараат полагање на државна матура според стариот концепт и да се стави во шестмесечно мирување законот за екстерното тестирање.

Веднаш по поставувањето на првите шатори, средношколците беа повикани од министерот за образование Абдулаќим Адеми. Делегација на Средношколскиот пленум замина на средбата на којашто покрај Адеми, како претставник од Владата бил и вицеприемиерот Владимир Пешевски.

Средбата не траела долго и завршила без успех, според средношколците.

„Се` зависеше од оваа средба. На неа ништо не се постигна. Од утре продолжуваме и ќе знаеме што понатаму“, рече Исмет Шабановиќ од Средношколскиот пленум.

Вицепремиерот Пешевски изјави дека до средбата дошло само поради загриженоста во Владата за безбедноста на учениците коишто решиле да кампуваат во паркот.

„Ги примаме поради тоа што одлучија да кампираат во шатори. На што ќе личи малолетници да останат таму цела ноќ? Ќе настојуваме, ако има простор и логика во барањата да излеземе со нови предлози, иако владата и досега покажа флексибилност. Ако, сепак, постигнеме флексибилност, таа ќе биде заради безбедноста на учениците кои треба да се вратат на настава“, кажа Пешевски.

Средношколците веќе 14 дена ја бојкотираат наставата и најавуваат дека не планираат да ги тргнат шаторите се` додека не бидат ислушани нивните ставови во врска со реформите коишто ги спроведува владата во образованието.

Претставниците на Владата изразија надеж дека родителите ќе влијаат на децата за да престанат со бојкотот.

XS
SM
MD
LG