Линкови за пристапност

Заев: Спрега Груевски-приватни медиуми

  • Соња Трајковска

На почетокот на прес–конференцијата, Заев го осуди „гнасниот“ потег врз новинарот Борјан Јовановски и неговото семејство.

„Денеска го отвораме пакетот за поклопеноста на медиумите од страна на Никола Груевски и неговите соработници. Овие снимки ќе ја разобличат и директната спрега на релација Никола Груевски - приватни медиуми. Ќе ја докажат најбруталната недозволива контрола што ја воспоставил Груевски врз газдите на телевизиите Сител и Канал 5“. Вака лидерот на СДСМ Зоран Заев ја најави темата на денеска објавените телефонски разговори, на како што рече, челници на власта и првите луѓе на неколку провладини медиуми.

На прес - конференцијата, 25-та по ред, посветена на материјали од наводно прислушувани телефонски разговори, Заев истакна дека целта на она што денеска е објавено е „да им се враќа на граѓаните правото да ја знаат вистината за медиумите, а со тоа и за се што им било одземено како информација“.

Од преку дваесетината презентирани телефонски разговори, на, наводно премиерот Никола Груевски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на Кабинет на премиерот, првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, со сопствениците на телевизиите Сител и Канал 5, Горан Иванов и Емил Стојменов, со уредникот Драган Павловиќ Латас, и со директорот на МРТВ Марјан Цветковски, се дознава за вработувања на новинари и испраќање на дописници во странство на МРТВ според наводен „список“ што наводно се правел во партиски штабови, за „диктатот на власта врз приватните телевизии Сител и Канал 5, преку директни нарачли“, од како што рече Заев, Кабинетот на премиерот.

„Станува збор за најдиректни нарачки: Протуѓер бара од сопственикот на Канал 5, Стојменов, телевизијата да не пренесе анкета направена од „Дневник“, што не и е од корист на власта, Протуѓер нарачува кај Стојменов да се тргне ставот на Денко Малески што го снимала главната уредничка Богатинова, а Емил послушно уште прашува „кого треба уредничката Богатинова да викне“?! Никола Груевски не само што нарачувал текстови на насловна на провладиниот весник Вечер и тоа против свој бизнис партнер, Орце Камчев, туку и замислете самиот го напишал“, рече Заев.

Во контекст на „длабоко заплетканите врски власт – медиуми“, Заев презентираше и неколку телефонски разговори наводно меѓу сопствениците на Сител и Канал 5, кои за послушноста кон власта, добиваат приватни услуги – дозволи з аградби, простување долгови, вработувања на членови на нивните семејства.

„Ова лицемерие, овие докази за вулгарна, незапаметена, недозволива окупација и злосторничка коалиција на Груевски со националниот сервис и приватните медиуми во Македонија се класична потврда на сите забелешки, не само на опозицијата, туку и на меѓународните институции и организации, што изразуваат загриженост за слободата на говор и изразување во Македонија“, истакна Заев.

Одговарајќи на новинарски прашања, Заев коментираше за вчерашниот инцидент во караулата Гошинце, при што рече дека „има само две алтернативи, тоа да биде радикални групи или да е се сценарио на власта. Притоа, одговорност и во двете опции има МВР, УБК, и нивните раководители“. Тој потврди дека денеска претпладне во партиските простории имал средба со поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски.

На почетокот на денешната прес–конференција, Заев уште еднаш го осуди, како што рече, „гнасниот, морбиден, кукавички, безобразен потег врз новинарот Борјан Јовановски и неговото семејство“.

„Да му се испрати погребен венец на домашна адреса на претставник на медиумите, професионалец и отворен критичар на загрозувачките општествени тенденции што и се случуваат на Македонија, е црвен аларм за сите свесни и совесни луѓе во нашата држава за лудилото во коешто е влезена власта и обврската што заеднички ја имаме - да го запреме тоа лудило“, рече тој.

XS
SM
MD
LG