Линкови за пристапност

Средношколците поддржани од наставници, студенти

  • Синиша Станковиќ

За четврток најавен и нов марш, а министерот Адеми ги игнорира повиците за средба

Македонските средношколци продолжуваат со алтернативниот бојкот на наставата против „лошите реформи во образованието“ и најавија нов, трет протестен марш за в четврток, 23 април, на кој, покрај нивните родители, поддршка ќе им искажат и Студентскиот и Наставничкиот пленум. Според Средношколскиот пленум, „наднационалниот, надетничкиот, надрелигискиот и непартиски марш“ на скопските ученици, на кои, според најавите, ќе им се придружат и нивните наставници и родители, но и бројни граѓани што ги поддржуваат, ќе почне од Градскиот парк до Владата, и потоа до Министерството за образование и наука.

Откако студентите со герила-акција ги подржаа идните колеги, и сатирично се осврнаа на улогата на ресорниот министер Абдилаќим Адеми, кој одбива да се сретне со нив, најавија и конкретна поддршка за време на средношколскиот марш.

Студентите ќе маршираат од пред универзитетот „Светите Кирил и Методиј“’ и ќе им се придружат на средношколците во протестот: „Затоа што овие ученици се нашите идни колеги, нашите браќа, сестри, братучеди, комшии, другари... Затоа што со овие ученици утре треба да градиме заедничка иднина“, стои меѓу другото во повикот на Студентскиот пленум.

Во меѓувреме, продолжуваат секојдневните закани со санкции и притисоците врз учениците кои ја бојкотираат наставата во средните училишта. Закани со казни и отказни решенија се упатуваат и кон дел од наставниците кои ги поддржуваат своите ученици и се експонираат во својата одбрана на правата на средношколците.

Членовите на Наставничкиот пленум во писмото до ресорниот министер Адеми му порачаа дека „средношколците сме сите ние!’ и дека им треба министер „кој ќе умее да се справи со сите проблеми и на крајот да понуди соодветно и општоприфатливо решение“.

„Не заборавајте дека средношколците сме сите ние! Тие се наши и ваши деца, наши и ваши ученици, наша и ваша иднина. „Иднината“ заслужува да биде сослушана заради добробит на заедничката иднина на сите чинители на општеството, за неговиот развој и на крајот за негов опстанок“.

XS
SM
MD
LG