Линкови за пристапност

Црвенковски повторно на политичката сцена во Македонија

  • Синиша Станковиќ

Македонија умира на рати, кажа поранешниот македонски претседател во своето прво поголемо обраќање до македoнската јавност.

По двегодишно повлекување од јавноста, денес, поранешниот претседател на Македонија и долгодишен челник на СДСМ, Бранко Црвенковски, испрати сопштение во кое се вели дека во Македонија владее „режим кој целосно, прво ги партизираше, а потоа и приватизираше сите институции на државата. Режим кој ги злоупотребува сите финансиски ресурси на земјата, не за доброто на народот, туку, за една единствена цел - како да се задржи власта и да се полнат приватните сметки во странските банки. Тоа е една структура од исфрустрирани ликови за кои човечкиот живот не вреди ниту пет пари, кои зацрнија цели семејства и кои од Македонија направија земја на политички затвореници. Кој живее на кредит, умира на рати, а оваа власт неколкукратно ја задолжи земјата и тоа за забегани и коруптивни проекти со што ја уништија перспективата на овој народ. Со овој и ваков режим, Македонија нема никаква, а камоли европска иднина!“

Црвенковски се осврна и на шпекулации изминативе две години, за причините за повлекување од јавниот живот. Тој тврди дека неговата самоизолација не се должи ниту на болест, ниту на повредената суета, ниту на наводни сериозни уцени и закани.

„Не сакав на било каков начин да и дадам можност на власта да ја продолжи повеќегодишната, примитивна и црна кампања поврзана со мене и против новото раководство на СДСМ. Новоизбраното раководство на СДСМ се определи за програмски и кадровски дисконтинуитет. Дали тоа беше паметно или не покажа и ќе покаже времето“.

„Се заговараше „конструктивен политички дијалог“ со власта, битка преку институциите на системот, учество на изборите… Сфатив дека во тој момент моите аргументи не се доволни да обезбедам единство на опозиционата сцена и дека само времето ќе ја потврди или демантира исправноста на овој мој пристап и концепт“, пишува Црвенковски

Поранешниот македонски претседател е дециден дека „повеќе простор за незаинтересирани или неопределени едноставно нема: Или слобода, или тиранија! Или демократија, или диктатура! Или правна или криминална држава! Или Македонија, или тие!“

Екслидерот на СДСМ јавно му честиташе на својот наследник: „На Зоран Заев му честитам на храброста и му ја давам целосната моја поддршка за тоа што преку „Вистината за Македонија“ на најдиректен начин ги соочи сите со катастрофалната реалност во која живееме. Сега барем нема место за ничии изговори и оправдувања дека не знаел што се случува“.

Потенцирајќи дека е илузија да се очекува дека по обелоденување на бомбите, „Груевски и камарилата самите ќе си поднесат оставки и со наведнати глави ќе си заминат“ и дека „ниту Брисел и Вашингтон се подготвени“ да интервенираат, Црвенковски е дециден дека „ваква диктатура може да биде поразена само од народ и со народ!“

Во соопштението испратено по повод „роденденот на СДСМ, 20-ти април“, Црвенковски порачува дека протестите треба да бидат мирни и ненасилни, „но, со својата масовност и упорност да го делегитимираат и натераат на отстапки режимот на Груевски“.

XS
SM
MD
LG