Линкови за пристапност

Заев: Никој нема право да вети и договара амнестија


На протестниот собир во Охрид тој рече дека опозицијата нема да потклекне ниту на притиосоците од Меѓународната заедница.

Ова повеќе не е партиска битка, туку битка на опозицијата и на целиот наш слободарски народ против врхушката на власта, порача од Охрид лидерот на СДСМ, Зоран Заев, обраќајќи се пред присутните кои учествуваа на „Маршот на вистината“ што го организира опозицијата.

„Оваа битка е против поединци од власта,битка за човековите права и слободи, битка за се` што е одземено брутално од страна на власта. Според доказите што ги објавивме произлегува дека во Македонија постоеле само Груевски, Мијалков и неколку поединци околу нив. Сите останати според нив, сме биле или комуњари, или суштества, или човечиња, будалетинки, индијанци, магариња, цигани, шиптари, морони, клошари и идиоти. Ваквите навреди и понижувања Македонија никогаш не смее да ги заборави“, порача Заев.

Затоа, додаде тој, никој немал право да ветува и да договара амнестија за, како што рече, забеганите криминалци од власта.

„Се што имаат украдено, изнудено и ограбено ќе го вратат на народот и државата. Од тоа нема бегање. Водиме искрена и исконска битка за иднината на нашата Македонија“, нагласи Заев.

Тој рече дека опозицијата нема да потклекне ниту на притиосоците од Меѓународната заедница.

„Што ќе ни земат нас кои ни ја украдоа и слободата и демократијата и правната држава. Што можат да ни земат кога ни ги украдоа најсветите работи. Зар ќе ни го земат опозициското место? Со што ќе не уценуваат? Може да ни помогне секој пријател од надвор, од Меѓународната заедница, но наша обврска е да си ја спасиме Македонија“, рече Заев.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев уште еднаш истакна дека доказите што се презентираат од страна на опозицијата се обезбедени од како што рече, патриоти кои си ја сакаат државата.

„Преку тие докази видовме дека тие одлучуваат кој ќе биде на слобода а кој не. ... Никој не смее да го ограничи народот да ја дознае вистината за Македонија... Следува период во кој ќе испорачаме докази и аргументи на многу чувствителни теми“, додаде Заев.

Враќањето на опозицијата во Парламентот по 24-ти декември, според него, се случило заради иднината на Македонија.

„Разговараме и преговаравме за Изборниот законик. Донесовме Изборен законик, се најдовме на пола пат. Дојдоа изборите, се` погазија. Правевме и напори за политчки дијалог. Јавно се видов со Груевски на 24-ти јуни 2014 година. Не успеа првиот обид за дијалог. Пријателите од ЕУ зборуваа дека треба да се даде шанса на дијалогот. Знаев што се случувало во минатото и пак разговарав. Одев во првиот кабинет на Македонија, премиерскиот, и бев сниман со камери. Сум правел насилство врз Груевски. Опозицијата во секоја земја бара оставки, паѓање на власта а не преодна или техничка влада. И на крајот, Парламентот носи одлука за техничка влада и предвремени избори, а не Груевски“, рече Заев.

Пред да го организира Маршот, СДСМ денеска во Охрид објави нова таканаречена „бомба“ во која се презентираа прислушкувани разговори на високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

XS
SM
MD
LG