Линкови за пристапност

Хојт: Разговаравме за важноста на почитување на демократските вредности

  • Соња Трајковска

Во дводневна посета на Македонија престојуваше висок американски претставник кој пренесе важна порака до политичките фактори во државата.

Кризата мора да се реши врз основа на демократските принципи и Уставот во земјата. Ова е пораката и до власта и до опозицијата во Македонија, што од Вашингтон во Скопје ја пренесе американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и Азија, Хојт Ји, кој престојуваше во дводневна посета.

„Како што знаете оваа криза има разни аспекти и гледања. Еден од тие аспекти е и информацијата за можна корупција , за влијанието на владата врз медиумите, судството, можните изборни злоупотреби како и другите можни злоупотреби на власта. Разговаравме за важноста за надминување на оваа криза, за одговорноста на владата да ги почитува основните демократски вредности и Уставот, како и одговорноста на избраната Влада да го спроведува она што го ветила“, изјави Ји, по средбата со премиерот Никола Груевски, додавајќи дека „кризата треба да се реши по легален пат во однос на прислушувањето и пуштањето на снимките“.

„Тоа е важен аспект кој ние го почитуваме. Но, исто така важен аспект за кој разговаравме е и злоупотребата на власта од страна на владата. Оваа тема бара одговори и одговорност. Ја охрабривме владата и нејзините институции да преземат чекори да се утврди дали се вистинити инсинуациите и обвинувањата кон лидерот на опозицијата“, рече Ји.

Неговата порака до опозицијата пак, е таа да се врати во Парламентот и со тоа, како што рече, да се потврди евроатланскиот пат на земјата.

„Владата на Македонија заедно со своите партнери да работи на разрешување на оваа криза, да одговори на оваа криза, со реафирмирање на заложбите на вредностите, демонстрирање на највисоките стандарди на владеење на правото, транспарентноста, фер, слободата на говор, независност на судството. Се ова се и вредности на евроатланската заедница. Би ги повикал сите членови на македонското општество да го потврдат евроатланскиот пат, за да може опозицијата што поскоро да се врати во Собранието, за да ја исполни својата демократска улога за која беше избрана“, додаде високиот функционер на Стејт Департментот.

Имајќи предвид дека посетата на Ји се случува во време на политичка криза во Македонија со прислушувањето и објавувавњето на материјали за наводен криминал и корупција на власта, заменик помошникот државен секретар за Европа и Азија се сретна и со лидерот на опозицијата Зоран Заев, со лидерот на владејачката ДУИ Али Ахмети, со Народниот правобраниетл Иџет Мехмети и со претставници на граѓанскиот сектор во земјава.

По средбата, лидерот на СДСМ Заев изјави дека разговарале „за ситуацијата во која се наоѓа Македонија и последиците врз евроатланските интеграции на земјава, а се разговарало и за можните решенија за излез од политичката криза“. Тој истакна дека очекува „од пријателите на Македонија, меѓу кои и САД, позасилено да се вклучат во процесите за наоѓање излез од длабоката политичка криза“, и дека „членството на Македонија во ЕУ и во НАТО нема алтернатива и дека тоа е целта кон која што треба да се стремат сите политички субјекти во земјава“.

Во соопштението од Народниот правобранител, пак, се наведува дека Мехмети и Ји разговарале за актуелната состојба во општеството со посебен акцент на човековите слободи и права, при што „двајцата соговорници изразиле загриженост поради прекршувањето на правото на приватност со масовното прислушување и сериозноста од последиците кои можат да произлезат од евентуалното нерасчистување на случајот“.

XS
SM
MD
LG