Линкови за пристапност

Адеми: Матурантите ќе имаат корист од полагање математика


Министерот ова го изјави по вчерашниот протестен марш на средношколците организиран од Средношколски пленум.

Матурантите ќе имаат корист од полагањето математика во државната матура. Ова е одговорот на министерот за образование и наука Абдулаким Адеми на барањето на средношколците за укинување на оваа новина во Законот за средно образование, едно од неколкуте, што беа причина за вчерашниот протест.

„Се работи за основно ниво, а не за напредно ниво на математика. Во претходните години имаше ученици што избираа математика на основно ниво и ученици што избираа напредно ниво и немаше никаков проблем. Јас верувам во капацитетот на матурантите дека можат да полагаат математика на основно ниво“, рече Адеми, додавајќи дека сите барања на средношколците ќе бидат разгледани.

„Државната матура е призната во цел свет и секој матурант што успева да положи државна матура во Македонија слободно може да се запише на кој било универзитет или факултет, не само во Македонија туку во цел свет. Низ дебата и информирање ние ќе настојуваме да ги убедиме учениците дека е пред се` за нивна предност како и за образовниот процес во земјата и дека не е лошо да се полага математика“, рече тој.

Охрабрени од она што го постигнаа студентите, кои преку окупација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, издејствуваа изработка на комплетно нов закон за високо образование без државно тестирање, средношколците организирани во Средношколски пленум вчера организираа сличен протестен марш. На власта и порачаа: „Стоп за лошите реформи“, „Не за новиот концепт за државна матура“, „Ќе паднам матура заедно со системот“, „Мамо зошто не ме роди година порано“.

Поворка составена од повеќе стотици средношколци, поддржувачи од Студентскиот пленум, но и граѓани кои се одзваа на повикот на средношколците, се движеше низ улиците во центарот на Скопје. Пред Министерството за образование, учесниците гласно порачаа дека се против новите измени во Законот за средно образование, и побараа: екстерното тестирање да биде ставено во мирување и тие да се вклучат во процесот на одлучување, да се смени концептот на полагање матура, каде математика е воведена како трет задолжителен предмет кој сите средношколци треба да го полагаат.

„Екстерното тестирање е спротивно на европските образовни стандарди, неспроведливо е, и е дел од „реформи“ кои само ќе ги продлабочат, наместо да ги разрешат образовните проблеми во државава! Континуираната проверка на знаењето и способноста на ученикот низ целата школска година не може, и не смее да се изедначи со проверката преку екстерното тестирање, која трае само неколку часа“, се наведува во барањето што Средношколскиот пленум го испрати до Министерството за образование и наука и до Бирото за развој на образованието.

„Сите овие години молк беа ваша шанса да запрете, шанса да го подобрите образованието, шанса да не мотивирате. Шанса која не само што не ја искористивте, туку не ја ни забележавте и згора на тоа упорно продолживте со галоп на див коњ да не туркате до крајни граници - рамно до дно!“, рече Евгенија Јанакиевска од скопската гимназија Раде Јовчевски Корчагин, членка на Средношколски пленум, истакнувајќи дека „нивното присуство на улиците на Скопје покажува дека тие се позитивна нус-појава на целта на власта, да направи нација на медиокритети“.

„Се обидовте од нас да направите сервилни конформисти кои ќе го произведуваат вашето лицемерие. Хомогена маса со помош на вашата демагогија. Се обидовте нашиот интелектуален распон да го спакувате во 30 прашања“, додаде таа во обраќањето до учесниците на протестот пред Министерството.

Освен во Скопје, средношколски протестни маршеви се одржаа и во Струга, Струмица, Кочани, Неготино, Велес, Тетово, Кавадарци.

Дел од учесниците во протестот се пожалија на притисоци од раководствата на некои училишта на кои биле изложени - дека „нема да одат на екскурзија доколку се појават на протестот“ и дека “ќе имаат неоправдани и санкции за непослушноста“.

XS
SM
MD
LG