Линкови за пристапност

ДПА преговара за влез во владиниот кабинет


Лидерот на ДПА не дава детали, додека аналитичарите ги толкуваат настаните

Владеачката коалиција предводена од ВМРО ДПМНЕ можно е наскоро да добие уште еден партнер од етнички албанскиот политички блок. Опозициската ДПА ги потврди шпекулациите во медиумите дека разговара за можен влез во владиниот кабинет.

„Ние разговараме, но не е коректно уште пред да завршат разговорите да се кажуваат некои работи, како на пример, кој ќе биде министер, се` уште не сме стигнале до такви разговори“, изјави лидерот на ДПА, Мендух Тачи.

За неговата партија, како што рече, важни се интеграциските процеси и реализација на платформата на неговата партија.

„Политички се знае кои се нашите главни приоритети како ДПА, интеграциските процеси и проблемот со нашата платформа“, истакна вчера Тачи.

ДУИ, како дел од актуелната владеачка коалиција, соопшти дека не разговарале на оваа тема со премиерот Никола Груевски.

„Ако овие најави се дел од решенијата на политичката криза, тогаш тие се избрзани, бидејќи не е можен ниту еден чекор на можна разврска без почеток на политички дијалог со посредништво на меѓународниот фактор“, соопштија од ДУИ во врска со најавите за влез на ДПА во владеачката коалиција.

Во врска со овие најави аналитичарот Арсим Зеколи изјави дека со овој потег премиерот Груевски се обидува да ги стави под контрола ДУИ.

„ВМРО ДПМНЕ има потреба од ДПА за да ја држи ДУИ кротко построена, но под услов тоа да не влијае врз бизнисите помеѓу криминалните крила на ДПМНЕ и ДУИ, во кои Мендух Тачи би сакал да добие дел, но со оглед на неговата видлива непресметливост, тешко дека ќе му биде удоволено. Воедно, се плашам дека влезот на ДПА би бил голем удар врз движењето на Зијадин Села, кој како градоначалник на Струга веќе нема да го има аргументот на обезбедени финансии. Најлошиот момент е што борбата за премоќ помеѓу ДУИ и ДПА сигурно ќе ја влоши тензичната состојба во подземјето на кое се наслонуваат двете партии и сосема можно ќе вроди со инциденти. Со тоа и албанскиот дел, како и македонскиот, ќе биде опфатен од внатре-етнички конфликт, кој поради колапсот на институциите ќе станува се потешко да се држи под контрола“, објаснува Зеколи во изјава за порталот Плусинфо.

XS
SM
MD
LG