Линкови за пристапност

Заев детонираше петта „бомба“

  • Синиша Станковиќ

„Власта на Груевски бескрупулозно се одмаздувала на политичките противници“, тврди опозициониот лидер

Лидерот на СДСМ Зоран Заев денес на прес-конференција обелодени пред македонската јавност уште девет снимки на наводни разговори на претставници на највисоката власт, кои, според него, покажуваат дека премиерот Никола Груевски директно го нарачал уривањето на објектот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, а министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски, ја спровел во дело неговата нарачка.

Откако завчера Заев објави дека повеќе од сто новинари биле прислушувани од Управата за безбедност и контраразузнавање, што го докажуваше со шест телефонски разговори преку кои, според него е докажана „суровата и свирепа вистина за тотална контрола што ја имале воспоставено Груевски, Сашо Мијалков и уште неколкумина нивни соработници“, денес беа објавени нови снимки, кои, според Заев, докажуваат дека Груески сакал да му се одмазди на Цановски за „трансферот“ од коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ во соработка со опозициниот СДСМ, како и да го казни поради финансирањето на насилно затворената опозиционата ТВ А1.

Според емитуваните снимки на деветте телефонски разговори на Груевски и Јанакиески, во првите, тие наводно се договараат за термините и начините за уривање на милиони евра вредниот објект на Цаноски, како и за неминовноста од одделни промени на законите, за самото уривање да биде согласно законските норми.

Во останатите снимки, министерот Јанакиевски наводно го информира премиерот за текот на уривањето и за проблемите во текот на целиот процес, за во последната снимка - тема на разговор да бидат реакциите од ЕУ за уривањето.

Објектот „Космос“ на Цаноски беше урнат со експлозив по изборите во 2011 година, кога беше и затворена ТВ А1, чиј сопственик, Велија Рамкоски, (кој потоа во контроверзен судски процес беше осуден на долгогодишна казна затвор) е татко на сопругата на синот на сопственикот на „Космос“. Цаноски, пак, неофицијално беше еден од главните спонзори на телевиизијата А1 на Рамковски. Според претседателот на СДСМ, денес обелоденетите разговори „ја покажуваат суровоста и одмазничкиот порив кај Груевски кој заедно со своите најблиски соработници е подготвен да ги сотре сите што не мислат како него“.

„Неспорни се фактите што ги објавуваме пред јавноста. Братучедите (премиерот Груевски и челникот на тајна служба - УБК, Сашо Мијалков – н.з) неовластено прислушувале, користејќи ги државните ресурси, за да имаат контрола врз се во државата, тоа е единствната работа што ги држи на власт“, изјави денес Заев.

Синот на бизнисменот Фиат Цаноски, Сефер, денес напиша дека му е мило што „вистината излезе на виделина. Благодарен сум на Господ што сите ние, мојата фамилија и моите блиски останавме здрави и живи во овој период“. Објектот „Космос“ чиј инвеститор беше неговиот татко, и покрај огромната вредност беше урнат поради наводната поголема височина од 1,5 метри од планираната во проектот. Инаку, „Космос“ бил замислен како комплекс од два објекта во кои требало да живеат неколку илјади жители.

XS
SM
MD
LG