Линкови за пристапност

Македонија: Отворено писмо од албански интелектуалци


Со писмото се апелира до меѓународната јавност да не го поддржува актуелниот режим.

Во отвореното писмо до македонската јавност и до амбасадите на САД, Германија, Франција, Велика Британија и ЕУ во Скопје, група албански интелектуалци изнесоа остри оценки и обвинувања за актуелната власт во Македонија. Албанските интелектуалци апелираат до сите политички субјекти во државата, а особено до албанските, да престанат да ја подржуваат актуелната власт во Македонија.

„Ние како интелектуалци, апелираме до политичките субјекти кои се` уште директно или индиректнo го одржуваат во живот постојниот режим, невиден за eвропски прилики, да престанат и понатаму да го поддржуваат ваквиот роднински режим. Ваквиот режим има создадено хаос во државата на сите полиња. Со ниеден рационален аргумент не е можно да се оправда понатамошното одржување во живот на ваков режим, кој ги има узурпирано и приватизирано институциите, кој гази по законите, по слободата и достоинството на луѓето, по заедништвото, по слободата на мислата и информирањето, по граѓанската и етничката рамноправност, и кој во голема мера го има деградирано човечкиот живот“, се вели во писмото.

Албанските интелектуалци сметаат дека поддршката за актуелната власт - во Македонија и од меѓународната заедница - веќе подолг период се оправдува со наводно добиен легитимитет на избори.

„Но, секому му е јасно дека граѓаните не даваат легитимитет за огромни криминали, за омраза и поделби, за незаконско збогатување и за енормно осиромашување на луѓе. Не е даден легитимитет за монтирани политички процеси, за казнување на невини луѓе, за создавање индивидуални и колективни трагедии, за злоупотребување на институции и за општ грабеж. Вистинскиот легитимитет се добива на слободни избори, а такви немавме, оти целиот систем беше злоупотребен во полза на партиите на власт“, тврдат потписниците на писмото.

Албанските интелектуалци кои ја обвинуваат „групата на власт“ за „киднапирање на државата и на институциите“, бараат од сите политички субјекти, особено од албанските, да не преземаат или толерираат што било, што може да биде во полза на нејзино понатамошно владеење.

Меѓу потписниците на писмото се универзитетските професори Џеладин Мурати, Мерсел Биљали, Осман Кадриу, Идриз Ковачи, Аурора Ндрио Карамети и Сабаудин Жута, аналитичарите Исмет Рамадани, Џелал Незири и Зеќирија Ибрахими, публицистите Исамил Синани и Африм Гаши..., кои имаат поддршка од околу 70 други јавни личности, етнички Албанци од Македонија.

Од друга страна, еден од прозваните во писмото, лидерот на албанскиот коалиционен парнер во власта – ДУИ, Али Ахмети, и самиот испрати писмо до еврокомесарот Јоханес Хан и побара вклучување на меѓународната заедница во надминување на политичката ституација во Македонија.

Според Ахмети, ситуацијата во Македонија е загрижувачка и демократските капацитети на системот се ставени пред сериозен предизвик. „Затоа, сметам дека итното и директно вклучување на Брисел, преку делегирање на политички тим засилен со правни и истражни експерти, е неопходно “, пишува Ахмети.

Лидерот на ДУИ и на минатонеделната средба со новиот американскиот амбасадор Џес Бејли, прва по неговото доаѓање на функцијата, ја истакнал потребата од што побрзо вклучување на меѓународната заедница во олеснувањето на политичкиот дијалог во Македонија, и во истрагата и постапката околу случајот со прислушувањето. Потенцирајќи дека институциите на државата и демократскиот капацитет на Македонија се на тест, Ахмети потенцирал дека „ова прашање може да се надмине со помош на меѓународната заедница и со сериозна посветеност на Брисел“.

XS
SM
MD
LG