Линкови за пристапност

Зоран Заев ја презентираше третата „бомба“

  • Борјан Јовановски

На прес-конференција беа емитувани аудио записи од разговори наводно водени меѓу функционери, новинари и сопственици на медиуми.

Лидерот на опозицискиот СДСМ денеска пред јавноста ја презентираше третата „бомба“. На денешната прес-конференција беа емитувани аудио записи од разговори за кои Заев тврди дека се водени меѓу високи функционери, новинари и сопственици на медиуми.

Како што рече Заев, овие разговори се доказ дека апсењето на Љубе Бошковски е политички монтиран процес.

„Ова што денеска ќе го слушнете е ужас! Од разговорите ќе ви стане јасно на што сė се подготвени братучедите Груевски и Мијалков со неколкумина нивни соработници. Какви заложници сме сите во сопствената држава, во којашто нема судство, нема полиција, нема систем, туку сė e инструирано и диригирано од таа мала група, фамилијата на Никола Груевски. За што? За лични цели и за одмазда!“, рече Заев.

На првиот разговор, како што нагласи тој, се слушаат гласовите на шефот на УБК Сашо Мијалков и новинарот и уредник во телевизијата Сител, Драган Павловиќ Латас.

За вториот презентиран разговор се тврди дека е меѓу Мијалков и сопственикот на Канал 5, Емил Стојменов.

Третиот беше најавен како разговор меѓу министерката Јанкуловска и шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протуѓер.

Четвртиот разговор е презентиран како разговор меѓу министерката Јанкуловска и нејзиниот портпарол Иво Котевески.

По прес конференцијата на Заев реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Од таму наведуваат дека Заев и денес свесно продолжил да одработува за странските центри и нивните агентури во државава, на директна штета на интересите на Република Македонија и нејзините граѓани.

„Зоран Заев со секој негов чекор без дилема потврдува дека креираните материјали кој ги употребува се креирани во соработка со странски центри, а тој е инструмент во спроведувањето на нивното сценарио. СДСМ и Зоран Заев не можат да бидат конкурентни со програма, проекти и идеи корисни за граѓаните, туку единствено се добри кога станува збор за исполнување на туѓи агенди кои се штетни за сопствената држава“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

„Целта на нивното сценарио е провидна“, наведуваат од владејачката партија, додавајќи дека „со нивното несмасно постапување со овој случај се доведуваат во ситуација да влезат во серија на противречности и од минута во минута се демантираат самите себе си“.

„Зоран Заев во своето обраќање на прес конференции искажа еден куп лаги, конструкции и невистинити квалификации кои се во функција на остварување на сценарио за разнебитување на државата, со цел да дојде на власт без да ја има довербата од граѓаните“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

XS
SM
MD
LG