Линкови за пристапност

Македонија: Договорен дијалог за изработка на нов закон?

  • Синиша Станковиќ

Од маратонските преговори на претставниците на Владата, на Студентскиот и Професорскиот пленум - само кусо соопштение на ректорот на УКИМ

„Врз основа на излагањата беше договорено низ отворен дијалог да се дојде до заеднички решенија за унапредување и обезбедување на квалитетот во високото образование. Во таа насока беше заклучено да се формира работна група со претставници на Универзиетот, вклучувајќи ги и Студентскиот и Професорскиот пленум, како и претставници од МОН, која во рок од 30 дена ќе изготви анализа на состојбите, врз основа на која ќе се дефинира концептот за изработка на законски текст за високото образование. Истовремено беше договорено во наредните денови да се одржи работна средба во истиот состав“, се вели во соопштението на ректорот на УКИМ Велимир Стојковски, објавено во дел од медиумите.

По неколкучасовните разговори во Ректоратот, на кои според медиумите учествувале министерот за образование и наука Абулаќим Адеми и неговиот заменик Спиро Ристовски и вицепремиерот Зоран Ставрески, како претставници на Владата, претставници од Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, и претставници на Студентскиот и Професорскиот пленум, студентите Стефан Видиков и Ивана Туфекџиева, и професорката Гордана Силјановска од Професорскиот пленум, јавноста останува без одговор за понатамошните чекори, пред се` на студентите и професорите.

Иако сите страни во разговорите начелно се залагаа за заеднички решенија за унапредување и подобрување на квалитетот на високото образование, по разговорите немало изјави за медиумите ниту на претставниците на МОН и на Владата, ниту од професорите и студентите.

Според медиумите, откако претставниците на власта ја напуштиле средбата, ректоратот на УКИМ соопштил единствено дека е договорено за неколку дена да се одржи нова средба во истиот состав, а Студентскиот пленум најавил соопштение до јавноста по координации со поширокото членство.

За разлика од последната средба која на иницијатива Сенатот на УКИМ, се одржа пред две седмици, со присуство и на премиерот Никола Груевски, кога беше договорено - примената на последните измени на Законот за високото образование (што и покрај сите протести на улиците и реакции на стручната јавност, беа изгласани во Собранието на 14 јануари) да се одложи, сега веќе се зборува за нов закон за високо образование. Тоа е и едно од барањата на студентите кои протестираат веќе четири месеци: повлекување на оспоруваниот Закон за високо образование и изготвување нов, во кој ќе бидат вклучени ставовите и аргументите на студентите и професорите.

Така, наместо пролонгирање за една година на спроведувањето на државниот испит, и за две години на обврската професорите да објавуваат научни трудови во списанија со импакт-фактор, според кусото соопштение на ректорот, се чини дека е направен чекор кон усвојување на барањата на студентите и на Професорскиот пленум, за ново законско решение.

Студентите пред денешната средба ја изразија својата недоверба во власта: „Ние четири месеци протестираме за да се слушне нашиот глас. Законските измени на насилен начин беа донесени и дури потоа беше започнат дијалог со Владата. Токму затоа ние не сме сигурни во подготвеноста на Владата да се држи до своите барања или грубо кажано не и` веруваме и затоа преку окупацијата, вршиме притисок да се држат до договореното“, изјавија од Студентскиот пленум.

Затоа, студентите веќе девет дена ги „окупираат“ факултетите на УКИМ, со најави дека се цврсто определени да не попуштат само на ветувања, туку дека бараат цврсти гаранции од власта, како на пример, спогодба меѓу Интеруниверзитетската конференција и МОН со која ќе се гарантира „учество на Студентскиот пленум во изработката на целиот закон со цел тој да ги рефлектира студентските ставови и перспективи“. Освен блокадата на редовната настава, студентите организраат алтернативна настава, концерти, и разни настани, и секоја ноќ спијат во прогласените студентските „автономни зони“ на Филозофскиот, Филолошкиот, Машинскиот факултет, на ФЕИТ, Архитектонскиот и Градежниот факултет на УКИМ.

„Автономна зона“ трети ден се спроведува и на битолскиот Технички факултет, каде студентите преспиваат во студени простории, зашто по наредба на ректорот Стојанче Нусев, секое попладне им се икслучува греењето, поради наводно штедење, а од денес, на скопските студентите им се прилучија и студентите од Природно-математичкиот факултет, додека нивните колеги од Економскиот факултет одржаа дебата „УКИМ гори, Економски се чешла“.

Наставата се бојктира во редица факултети во Скопје, а граѓаните секојдневно доаѓаат да им изразат поддршка на студентите и да им помогнат со храна, пијалоци, ќебиња.

XS
SM
MD
LG