Линкови за пристапност

Федерален судија ја блокира директивата на претседателот за имиграцијата


Белата куќа тврди дека овластувањата не се пречекорени и најави жалба од Одделот за правда.

Американски федерален судија во Тексас донесе пресуда што привремено ја блокира извршната наредба на претседателот Барак Обама за имиграцијата.

Судијата Ендру Хансен пресудата ја објави во понеделник во корист на 26 држави вклучувајќи го и Тексас, кои покренаа постапка барајќи трајно стопирање на наредбата на Обама. Претседателот во ноември соопшти дека заштитува пет милиони недокументирани имигранти од депортација. Државите тврдеа дека претседателот ги преминал границите на неговата уставна моќ и дека ќе наметне непотребни финансиски давачки за нив.

„Одлуката на судијата Хансен со право го запира прекумерното посегање на претседателот“, кажа тексашкиот гувернер Грег Абот во соопштение.

Рано во вторник Белата куќа објави соопштение во кое стои дека Обама бил сосема во рамки на своите овластувања при донесување на одлуката како да ги спроведе имиграционите закони на државата. „Таквата политика е конзистентна со законите донесени од Конгресот и одлуките на Врховниот суд, како и со пет децении на преседани на претседателите на двете партии кои ги употребиле нивните овластувања да постават приоритети во спроведувањето на имиграционите закони“, се вели во соопштението.

Таму стои и дека Одделот за правда планира да поднесе жалба по пресудата на судијата Хансен.

XS
SM
MD
LG