Линкови за пристапност

Ресоцијализација на повратниците од Сирија и Ирак


Проектот „Стоп за радикализација и вклученост во тероризам“ за учесниците во војните во странствого го претстави поглаварот на Исламската верска заедница на Македонија.

„Целта е да се работи со нив и додека се на издржување на затворската казна. Нашата програма може да се оживотворува и во затворите. Меѓутоа, на еден организиран легален и легитимен начин. Треба навистина да го вратиме човекот на вистинскиот колосек“, изјавил поглаварот на Исламската верска заедница на Македонија, реис ул улема Сулејман Реџепи, по средбата со амбасадорот на Израел, за планот за ИВЗ за ресоцијализација на граѓаните од Македонија, кои од верски или иделошки причини, или како платенци, војуваат во Сирија или во Ирак. Според Реџепи идејата за ваквиот проект е благородна.

Во медиумите беа објавени проценки дека во Сирија и Ирак на страна на радикалните исламисти се борат околу 200 македонски државјани, главно од албанска националност, како и дека петнаесетина македонски државјани во изминатите две и пол години загинале на боиштата, како членови на разни радикални или терористички организации. Затоа, ИВЗ не ги оспорува донесените измени во законот со кои се определени затворски казни од четири години за македонски државјани кои учествуваат во воени конфликти вон Македонија, но оттаму сметаат дека за избегнување на нивната стигматизација, по затворската казна, треба да се работи на ресоцијализација на повратниците кои биле дел од борбените групации на радикалните исламисти, како што е Исламската држава, како и дека со нив треба да работат исламски теолози уште во затворите, а потоа и.во некоја од стотиците џамии во Македонија, или во дијаспората.

ИВЗ се залага за ресоцијализација на повратниците преку нивно вработување и овозможување адекватна помош на психолошки план. Според ИВЗ, треба да се организираат професионални курсеви за обука на рази професии, како на пример, готвачи, столари, бербери..., кои преку соодветно учество на министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика, би се вработувале во приватниот сектор.

Дел од стручњаците за безбедност реагираа дека е неопходна крајна внимателност во случаите на поранешните учесници во војните во странство кои евентуално би се вратиле во Македонија, но поглаварот на ИВЗ Реџепи, во медиумите изјави дека програмата за ресоцијализација треба да се применува уште во казнено-поправните установи, според искуствата од Швајцарија и Германија, каде и верски службеници со свои финансиски средства помагале при ресоцијализацијата и понатамошната обука на осудените за учество во војните во странство.

ИВЗ смета дека ресоцијализација треба да ја финансираат Владата, ЕУ, ОБСЕ, УСАИД и дел од странски амбасади.

XS
SM
MD
LG