Линкови за пристапност

ЛГБТ популацијата - жртва на реално насилство


Нападите врз ЛГБТИ лицата, кои и покрај тоа, остануваат несанкционирани

И по над две години од првиот напад врз ЛГБТИ - Центарот за поддршка, напаѓачите не се процесирани, зашто не се ни откриени. Полицијата не успеа да ги пронајде ни сторителите на неколкуте други напади врз ЛГБТИ Центарот за поддршка, но и на физичките напади врз активисти за човекови права и за правата на ЛГБТ заедницата, меѓу кои ни организаторите и сторителите на бруталниот напад врз кафе-барот „Дамар“ во македонската престолнина. Покрај отворените напади, досега и ниту еден случај на хомофобичен говор на омраза не е санкциониран од Јавното обвинителство

Затоа, активистите од Националната мрежа против хомофобијата и трансфобијата - НМХТ, и активистите од разни невладини организации, како и иритирани граѓани, и вчера организираа кус протест, со блокада на влезот на Основно јавно обвинителство, сакајќи да го предизвикаат вниманието на скопската, но и на македонската и на европската јавност за дискриминацијата на која се изложени лицата со сексуална ориентација и родов идентитет кои се разликуваат од мнозинството во Македонија, и на нееднаквиот пристап кон правдата.

Павле Богоевски – активист од ЛГБТИ-Центарот за поддршка вчера истакна дека целта на нивиниот протест е потенцирање на потребата од итно обезбедување на ефикасен пристап до правдата за сите граѓани на Република Македонија, без оглед на нивните различности.

Според него, иако Венецијанската комисија реагирала во поглед на предложените уставни амандмани, и тврдела дека формулацијата на конкретниот амандман „не само што не е во согласност со забелешките на Венецијанската комисија, туку само ги зацврстува веќе постоечките дискриминирачки закони, исклучувачки закони во македонскиот правен систем“, децидно изјаснувајќи се дека „Владата сака да воведе материја за која не е дискутирано и е правена според сопствените политики“, македонското Собрание почнало да расправа за новиот пакет уставни измени. Во тој пакет е и контроверзниот Амандман XXXIII, што го регулира бракот - како заедница меѓу еден маж и една жена. Според Богоевски, „овој амандман само ги уцврствува веќе постоечките дискриминирачки закони во македонски правен систем“.

НМХТ реагираше против целиот пакет уставни амандмани, меѓу кои е и исклучувачката дефиниција на бракот, потенцирајќи ги – според оваа организација – „реалните проблеми како насилството и дискриминацијата врз ЛГБТИ заедницата и уште повеќе молкот на институциите“.

НХМТ ја обвинува македонската Владата дека наместо да презема активности за спречување на хомофобичното и трансфобичното насилство и дискриминација, што е нејзина прифатена обврска според бројни меѓународни инструменти чиј потписик е, сега со предлог-уставниот амандман, Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, „дополнително ја поттикнува и одобрува дискриминацијата кон ЛГБТИ заедницата“.

НМХТ постави прашање до државните институции и до македонската јавност – кој всушност е под закана во Македонија?

„Дали тоа е бракот како институција кој е загарантиран со закони и подзаконски акти или тоа се ЛГБТИ луѓето кои секојдневно живеат во постојан страв од насилство и во услови на неказнивост на насилниците? Дали бракот е тој кој е маргинализиран, кој како институција е заштитен не во еден, туку во два закона - за семејство и за спречување и заштита од дискриминација - или маргинализирани се ЛГБТИ луѓето кои практично не постојат пред законите?“

НМХТ децидно тврди дека бракот како институција во Македонија не е загрозен, и ја обвинува Владата, дека место да презема активности за спречување на хомофобичното и трансфобичното насилство и дискриминација, всушност, ја поттикнува хомофобијата дури и о уставните измени, но и денес немаше официјални реакции од власта на повеќенеделните протести на ЛГБТ популацијата и на акктивистите за човекови права, на кои во оваа прилика им се придружи и граѓанската иницијатива „Ајде“.

XS
SM
MD
LG