Линкови за пристапност

Македонија: Обвинителството се премисли за Вранишковски

  • Синиша Станковиќ

Поглаварот на ПОА остана зад решетки; Постапката пролонгирана до одлуката на Апелациониот суд

Од засега непознати причини, Обвинителство вчера се премисли и ја смени сопствената одлука за условниот отпуст за поглаварот на во Македонија непризнатата Православна Охридска архиепископија г. Јован (Вранишковски), кој во одделни извештаи за состојбата за човековите права во Македонија се води како политички затвореник, па на последниот ден предвиден за жалби, сепак поднесе жалба на решението на Основниот суд Скопје 1.

Така, иако Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1, уште на 9 јануари донесе одлука за ослободување на поглaварот на ПОА, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, и иако најголемиот дел од медиумите веќе објавија дека на големиот празник на православните христијани, Богојавление – Водици, Вранишковски конечно ќе излезе од затворот во Идризово, засега се` е пролонгирано до одлуката на Апелациониот суд. Повисокиот суд треба да реши дали поглаварот осуден во оспоруваниот процес за кој имаше бројни реакции во Македонија и во државите во кои живеат православни христијани, по три години од досудените вкупно пет и пол години казна, во кои примерно се однесувал, ќе излезе во затвор, или ќе ја дослужи казната.

Покрај медиумите кои вчера испратија и екипи пред затворот за да го пречекаат расчинетиот поранешен владиката на МПЦ-ОА и поглвар на ПОА, која е призната од помесните православни цркви, одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја збуни македонската јавност, зашто пред само една недела, истото обвинителство испрати соопштение дека Вранишковски ги исполнува условите за пуштање на слобода: „Имајќи предвид дека осудениот издржал повеќе од половина од затворската казна на која е правосилно осуден, а штетата која била причинета со дејството на Јован Вранишковски за која е правосилно осуден е надоместена, ОЈО смета дека се исполнети законските услови кон осудениот Вранишковски да се примени институтот Условен отпуст“.

Откако ја промени сопствената одлука, Обвинителството соопшти дека треба да се „преиспитаат околностите за условен отпуст на Вранишковски и да се одговори на прашањето за постигнување на целите на условниот отпуст“.

„На 12 јануари 2015 година Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го прими Решението на Основниот суд Скопје со кое судот одлучи да го уважи предлогот на директорот на КПУ Идризово за условен отпуст на осудениот Вранишковски. Таквото решение беше предмет на целосна анализа на околностите и оцена во надлежното обвинителство и при тоа се утврди дека истотото е законито. Со ваквата своја оцена ја запозна и македонската јавност, но истовремено не се откажа од правото на жалба“, пишува Обвинителството за својата најнова одлука.

Според Обвинителството, биле променети околностите кои укажуваат дека осудениот може во иднина да врши кривични дела и со тоа нема да ја оправда довербата која би му била дадена со условниот отпуст, па затоа во законскиот рок е поднесена нова жалба.

По посетата на високиот претставник на Руската православна црква на Македонија и средбата со затворениот Вранишковски, како и средбите со неговите домаќини од политичката елита во Македонија, стана јасно дека РПЦ се понудила како посредник во преговорите меѓу Српската православна црква и Македонската православна црква – Охридска архиепископија, околу признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА. Македонските медиуми веднаш шпекулираа дека е постигнат некаков договор на политичко и црковно ниво, да се исполни барањето на СПЦ и на РПЦ - за неизоставно ослободување на Вранишковски, поради задоволување на „повисоки интереси“, односно за интересите на МПЦ-ОА. Тоа јавно го потврди и претседателката на Комисија за односи со верските заедници која за медиумите изјави дека се работи за за државничка одлука поради повисока цел.

МПЦ-ОА и нејзиниот поглавар г.г. Стефан и јавно побараа милост за својот некогашен владика кого го обвинуваа за проневера и злоупотреба на црковни пари, и кој поради тоа и беше осуден во еден контроверзен процес.

По одлуката на Обвинителството, медиумите ја пренесоа изјавата на членот на Светиот синод на МПЦ-ОА, владиката Пимен, според кого, се можело да помине полесно, ако МПЦ-ОА комуницирала директно со СПЦ, наместо да го чека гостинот од Русија. „Вака испадна дека ние како МПЦ попуштивме под притисокот на Руската црква за повисоки интереси, кои очигледно не се со доволно голема висина и за Јавното обвинителство, кое ете, се премисли во последен момент“, изјавил владиката Пимен.

XS
SM
MD
LG