Линкови за пристапност

Кежаровски привремено ослободен

  • Соња Трајковска

Чаусидис: Привременото пуштање на Кежаровски е само мала победа, но новинарите не се откажуваат

Работници, студенти, пензионери, претставници на невладини организации, но најмногу новинари и медиумски работници денеска со протест пред Апелацискиот суд во Скопје и пред зградата на Владата побараа ослободување на нивниот колега Томислав Кежаровски. Во првиот ред на протестниот марш беше лично Кежаровски, кој неколку часа пред најавениот протест, беше привремено пуштен на слобода. Според, него, утринава му било соопштено од директор на КПУ Затвор - Скопје дека заминува дома поради нарушено здравје, „и да се јави во затворот на 18 февруари за да ја дослужи казната“.

„Управата донесе решение за прекин на казната на осудениот Кежаровски во траење од 30 дена, поради здравствени причини, изјави попладнево директорката на Управата з аизвршување санкции, Лидија Гавриловска за овдешните медиуми, откако претходно Основниот суд Скопје 1 соопшти дека „директорот на КПУ Затвор –Скопје до Основниот суд Скопје 1 – Скопје, денеска поднесе барање за условен отпуст на осудениот Томислав Кежаровски. Повеќе информации ќе има откако Судот ќе го разгледа барањето“, се вели во писменото соопштение.

Со бели балони со испишани пораки, со маски со ликот на Кежаровски, со транспаренти, свирчиња и извикување „Слобода за Кежо“, „И јас сум Кежо“, „Нема правда- нема мир“ протестната колона тргна од почетната точка - Апелацискиот суд и крајната дестинација – зградата на Владата.

„Не дојдовме да му кажеме фала на овој кабадахија... Дојдовме да му кажеме дека меѓу нас има и леви и десни и верници и атеисти, ама ние за разлика од него, ги цениме слободата и правдата! Нам тие ни значат исто колку и семејството и татковината во кои се колне... Дојдовме да му кажеме дека ние одамна го победивме стравот! Дојдовме да му се насмееме в лице и да му порачаме оти Кежаровски ќе издржи, а нашата борба за слобода ќе продолжи. Немаме намера да се пазариме, не сакаме да бидеме лажно пристојни и да му речеме оти не сме против него. Не! Против него сме, решително сме против него и ќе бидеме се повеќе ако тој слободата ја множи со нула, ако не сака да го чуе нашиот глас. Дојдовме да му кажеме оти тој и неговите се минливи, а слободата и правдата се вечни!“, рече новинарот Зоран Димитровски, кој во времето на притворањето на Кежаровски беше главен уредник на весникот „Нова Македонија“.

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани уште еднаш потсети дека Кежаровски е осуден за напишан текст.

„Дојдовме тука да ја разголиме нашата болна реалност во земја каде е забранета цензурата , каде се затвораат новинари за напишан збор. Сакаме да ги потсетиме дека можат да затовораат новинари, но не можат да ја затворат слободата, затоа што таа живее во нас... Ние денеска сме загрижени, но не сме уплашени. Не загрижува нивното силеџиство и нивната дрскост, нивната неодговорност да посегнат по нашите права, само да се одржат на власт. Затоа ги повикуваме да се откажат од оваа бесмислена политика“, рече тој.

Претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Тамара Чаусидис вели дека привременото пуштањена Кежаровски е „само мала победа, но дека новинарите не се откажуваат бидејќи тој е невин и пресудата мора да биде ослободителна“.

На крајот од протестот, учесниците ги пуштија 300- те бели балони, кои ја симболизираат слободата, а претставници ан ЗНМ и Синдикатот, во Владата ја предадоа како подарок карикатурата што ја отсликува состојбата со медиумските слободи во земјава, направена специјално за овие протести.

Денешниот протест е организиран откако минатата недела Кежаровски, од домашен притвор експресно беше пренмесен во затворот во Шутка, само еден ден откако Апелацискиот суд му ја преиначи првостепената затворска казна, од 4,5 години на две години затвор.

Тој е осуден за откривање идентитет на заштитен сведок во случајот со убиството ан старецот од селото Ореше, во два последователни текста објавени во 2008- та година во весникот „Репортер 92“, кој одамна е згаснат, иако во меѓувреме, заштитениот сведок самиот изјави дека бил принуден да ја прифати оваа улога.

Ваквата пресуда за Кежаровски предизвика остри критика и од Европската федерација на новинарите, бројни домашни и странски невладини организации.

Само Здружението на судии на Република Македонија го осуди денешниот протест.

„Здружението на судии на Република Македонија ги осудува протестите против судските одлуки без разлика што е загарантирано правото на протест на секој, судските одлуки единствено можат да се преиспитуваат во судска инстанца и непримерно е да се попречува работата на судовите и притоа да се користи улична демократија за промена на одлуки која и тие кои протестираат се свесни дека не можат да ги издејствуваат надвор од институционалното и во судска инстанца преиспитување на судската одлука“, се наведува во соопштението.

XS
SM
MD
LG