Линкови за пристапност

Најави за голем протест за ослободување на Кежаровски

  • Синиша Станковиќ

Реакциите на организации и поединци не стивнуваат, а Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија упати општ повик за масовност на собирот.

„ССНМ ги повикува сите: новинари, медиумски работници, студенти, професори, вработени и невработени ... за поддршка на отворена сцена - пред Судот и пред Владата. Не се плашете од етикети и заокружувања , ние сме сите на истата страна, и дојдете заедно да и` кажеме НЕ на неправдата!“, се вели во отворениот повик на Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија за утрешниот протест против пресудата на Апелациониот суд во Скопје.

Со спорната оспоруваната пресуда, и покрај сите реакции во Македонија и апели од меѓународната јавност, новинарот Томислав Кежаровски е осуден на две години затвор за објавен текст за нерегуларностите во полициско-судската афера која прерасна во контроверзниот случај „Ликвидација“

Синдикалците повикуваат „на обединување на сите добронамерни луѓе“ и тврдат дека новинарот е „експресно фрлен во црна темница како најголем непријател на македонскиот народ, а всушност е чесен новинар кој ви ја кажа вистината... Кежо е уапсен за текст напишан пред пет години, а два месеца откако истражуваше за смртта на новинарот Никола Младенов... Ако новинарите не ја кажуваат вистината, како граѓанството ќе го распознава доброто од злото?“, се вели во повикот.

Членот на Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски, Зоран Димитровски, кој е и член на Управниот одбор на Здружението на новинарите на Македонија, за РСЕ изјави дека новинарите имаат „работа со власт која не го слуша гласот на граѓаните“. Не очекувам дека власта ќе има експресни потези ... но дотолку повеќе мислам дека тоа ќе предизвика солидарност и со меѓународната јавност, со нашите колеги новинари во светот, и дека ќе се зголеми притисокот кон партијата на власт, односно кон владата да го ослободи граѓанското општество и медиумите во Македонија“

Поддршка за утрешниот протест изразија и Професорскиот и Студентскиот пленум, кои го повикаа своето членство утре да „се спротивстават на насилството на власта“, со слоганот:„Неутралноста му помага на угнетувачот, никогаш на угнетуваниот. Молкот го охрабрува мачителот, никогаш мачениот!“. Студентите потенцираа и дека „во држава што си ги затвора новинарите не можеме да очекуваме слободни и непристасни медиуми и медиуми што ќе известуваат за студентските протести“.

Кон апелите за ослободување на Кежаровски, со подршка за утрешниот голем протест се придружија и левичарското движење „Солидарност“ кое ги повика „сите обесправени во Македонија да го изразат својот револт поради задушувањето на слободата во нашата земја“:

„Борбата за слобода на Кежаровски е борба за слобода на сите нас. Затворите не постојат за да се полнат со луѓе кои се спротивставиле на власта! Барем не во демократски земји. Осудата на Кежаровски е уште еден доказ, неброен по ред, дека сегашната власт во Македонија веќе длабоко ја има нарушено демократијата. Фактички, дека ја има укинато демократијата!“, се вели во соопштението на „Солидарност“.

Реагираше и Платформата за граѓанска политика - „АЈДЕ“, велејќи дека „бруталниот, а воедно и кукавички акт на ноќното полициско приведување и спроведување во затвор на новинар, чија единствена „вина“ е професионалноста и кажувањето на вистината, уште еднаш го соголува начинот на владеење во Македонија“.

Движењето за социјална правда „Ленка“ соопшти дека пресудата против Кежаровски, „проследена со сите правни и процедурални недостатоци, претставува крунски доказ за ударот врз медиумската слобода и за репресијата која се принудени да ја трпат многу од новинарските и медиуските работници, особено ако се осмелат пред лицето на јавноста да ги обелоденат игрите на државниот апарат“.

И невладината организација „Цивил“ смета дека е повеќе од симптоматично тоа што спектакуларно апсење на Кежаровски кое се однесува на текст напишан уште во 2008 година, се совпадна со неговата новинарска истрага за сомнителната погибија на сопственикот и главен уредник на неделникот „Фокус“, Никола Младенов. „Затоа, извикуваме: Ние сме Кежаровски! Слобода за Кежаровски!“, се вели во соопштението на „Цивил“.

Покрај големиот скопски протест, протест за поддршка на осудениот новинар, утре ќе се одржи и во Прилеп, а учесници ќе бидат и новинари и слободномислечки граѓани.

И додека покрај перманетната подршка нод Европската и меѓународфната федерација на новинари, со писма за охрабрување на на македонскиот новинар се јавија и Здружението на новинари на БиХ и Незавинсното здружение на новинари на Војводина, неговата сопруга Марина Кежаровска, која по приведувањето изрази стравување на судбината на сопругот во затворот, ја повика и Македонската православна црква, да реагира и да побара ослободување на нејзиниот сопруг

Во своето соопштение, Апелациониот суд, пак, тврди: „Нејасно е зошто поединци и организации јавно повикуваат на протест пред Апелациониот суд и јавните реакции дека со правосилна судка одлука против лица за кои во рамките на судската власт повеќестепено е утврдено дека се сторители на одредени кривични дела, се ограничува правото на слобода на говор што во конкретниот случај не може да биде точно, бидејќи се работи за кривични дела и недозволени дејствија преземени до страна на обвинетите точно и прецизно дефинирани во законите на Македонија, што се должни да ги почитуваат и важат за сите граѓани на Македонија“.

Според Судот, „неоснованите реакции и повиците за протест како демократско право, се злоупотребува и не може да се сфати како ништо друго, освен како обид за своевиден притисок врз судот и судска власт, ... а за одредено незадоволство од судска одлука да се искористат сите институционални и законски предвидени права“

Адвокат Филип Медарски, бранител на Кежаровски, најави дека ќе побара од судот да го примени институтот условен отпуст, предвиден со Кривичниот законик, со оглед на тоа што новинарот веќе отслужил речиси 90 отсто од казната, процедура која беше применета во еден друг контроверзен судски случај, на владиката Јован Вранишковски. Сепак, Медарски неколку пати најави и дека најверојатно правдата за Кежаровски ќе мора да се бара во Стразбур.

XS
SM
MD
LG