Линкови за пристапност

Голема изборна победа на републиканците


Двата дома на Конгресот сега се под контрола на Републиканската партија, што има потенцијал да ја промени динамиката во американската внатрешна и надворешна политика.

Републиканците повторно го презедоа Сенатот и го зголемија мнозинството во Претставничкиот дом, давајќи им контрола во двата дома во Конгресот за време на последните две години од мандатот на претседателот Барак Обама.

Демократите имаа 55 од вкупно 100-те места во Сенатот пред вторничките избори, но републиканците освоија најмалку уште седум места со победите во Арканзас, Колорадо, Ајова, Монтана, Северна Каролина, Јужна Дакота и Западна Вирџинија. Резултатите се` уште не се конечни за три други сенатски трки.

Една третина од Сенатот беше за реизбор, вклучувајќи го и местото во Кентаки, што го држеше сенатскиот републикански лидер Мич Меконел. Тој доби шести мандат на функцијата.

Во меѓувреме републиканците додадоа најмалку девет места во Претставничкиот дом, каде веќе го имаа мнозинството.

Спикерот на Претставничкиот дом Џон Бејнер изјави дека сега, кога контролата е во рацете на републиканците, Конгресот ќе работи на прашања од областа на енергетиката и легислатива за работни места, за кои кажа дека додека биле мнозинство, демократите не направиле многу. Тој рече – сега е време владата да почне да покажува резултати.

Имајќи ја контролата во Конгресот, републиканците може да го актуелизираат спорот со претседателот Обама околу реформите во здравството. Со законот милиони Американци можеа да обезбедат осигурување што претходно не можеа да си го дозволат, а многумина републиканци на мерката гледаат како на прекумерна инволвираност на владата и на неколкупати повикаа на нејзино поништување.

Републиканците го напаѓаа и начинот на кој Обама се справуваше со кризата на ебола, а се залагаа и за изградба на нафтоводот од Канада преку централниот дел на САД. Одредени републикански законодавци не се согласуваа и со приодот на Обама кон прашањето на руската интервенција во Украина и американските воздушни напади против милитантите на Исламската држава во Ирак и Сирија.

Двете најголеми политички партии во САД се на различни страни и во однос на буџетот, даночната политика и имиграционата реформа.

XS
SM
MD
LG