Линкови за пристапност

Ебола во Македонија?

  • Синиша Станковиќ

Пациент од Велика Британија починал на Инфективната клиника со симптоми кои наликувале на опасната болест

Британскиот државјанин кој попладнево околу 15 часот по македонско време бил примен на Инфективната клиника неконтактибилен, со клиничка слика – повраќање и внатрешно крварење, починал по само деведесетина минути од хоспитализирањето. Ова е првиот сомнителен случај за починато лице кое евентуално било заболен од ебола во Македонија.

Д-р Јованка Костовска на вечерашната прес конференција организирана од Министерството за здравство, соопшти дека починатото лице допатувало во Македонија од Велика Британија и дека според расположливите податоци, не престојувало до државите во Африка кои се ризични подрачја опфатени со заразната болест. Тоа го потврдил и пријателот на починатиот

„Согласно протоколите, при појава на вакви симптоми се преземаат сите мерки, како да се работи за високо ризична болест. Испративме материјал во референтна меѓународна лабораторија. Има големи шанси да не е ебола, но ние работиме по сите стандарди“, изјави Костовска.

Македонските здравствени власти ја известиле британската амбасада, ќе чекаат резултати од анализата на брисевите од починатото лице во референтна лабораторија во Германија, ќе ја известат и Светската здравствена организација, а на телото ќе биде извршена и обдукција.

Хотелот во кој починатиот престојувал е изолиран - гостите и персоналот се во карантин и целиот објект е под заштита на полицијата. Според медиумите, во карантин е и екипата од Брзата помош кој го превезла болниот од хотелот до клиниката, а под надзор ќе биде и медицинскиот персонал кој го лекувал. Медиумите јавија и дека се врши итна дезинфекција на Клиниката каде влезот е строго забранет.

Иако д-р Костовска објасни дека ризик постои само за лицата кои биле во директен конталт со заболен од ебола и дека тоа засега не е потврдено, попладнево сепак, била предизвикана вознемиреност на граѓаните во близина на хотелот.

За сомневањата дека британски државјанин починал од ебола во Скопје, известија и дел од медиумите во Велика Британија.

XS
SM
MD
LG