Линкови за пристапност

Орав: Извештајот на ЕК е патоказ за реформи


„Извештајот на ЕК не е само критичен, на него треба да се гледа и како на патоказ за спроведување на реформите“, изјави евроамбасадорот АивоОрав

„Извештајот е објективен и во него има многу искрени и јасни пораки на кои полиња треба да се делува“, изјави еврокомесарот Аиво Орав на прес-конференцијата во ЕУ Инфо центарот, во Скопје, по презентацијата на Извештајот за напредокот на Македонија во Брисел од еврокомесарот во заминување Штефан Филе.

Меѓу европските препораки за понатамошно делување, Орав го поетнцираше решавањето на спорот околу името и повторното воспоставување на политичкиот дијалог, преку преземање активности и од власта и од опозицијата Според Орав, Македонија ја задржала препораката и покрај нотираното назадување, поради напредокот претходните години. „Македонија по шести пат ја доби препораката за отпочнување на пристапните преговори и покрај тоа што ЕК нотира назадување во изминатата година“,изјави евроамбасадорот. Тој изрази и надеж дека забелешките на ЕК ќе бидат сфатени сериозно и дека ќе бидат надминати во што покус рок, а меѓу забелешките во Извештајот ги нотираше политизацијата на државните институции, унапредувањето на слободата на медиумите, и ставањето на партиските, пред интересите на државата.

И додека до одделни медиуми беше објавен и твитот на еврокомесарот за проширување Филе, дека е „потребна решителна акција за да се надмине ќорсокакот и да се задржи препораката за преговори“, во Македонија двете најголеми политички партии во македонскиот блок имаа свои, директно спротивставени читања на извештајот..

Според заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, власта ја довела Македонија во ќорсокак, а тоа со извештајот го потврдила и Европската комисија.

„Извештајот е драматично покритичен во однос на истиот од минатата година. Оценките се драстично полоши во однос на сите од соседството. Ова не е извештај за напредок, туку извештај на назадување и растечка загриженост. Ќорсокак, владин неуспех, назадување, чекори назад – тоа се зборовите кои доминираат во само една страна на резимето за Македонија“, рече Шеќеринска.

„ЕК жали за назадувањето во последнава година. Она што порано ЕК го кажуваше срамежливо, сега се критикува јасно, гласно и директно. И нема дилеми кој ја носи одговорноста за ваквите состојби. Нема веќе дипломатски ракавици, нема завиени формулации. Европската порака е пратена: Македонија е тргната по опасен пат“, рече Шекеринска.
Според неа, и покрај молкотна власта, СДСМ ќе продолжи со инсиситрањето на клучните пет теми, „на кои власта, особено по овој Извештај, има обврска да преговара: медиуми, двоење на државата од партијата, попис, чесен изборен процес и техничка влада која ќе го овозможи тоа“.

Според членот на Извршниот комитет на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, пак, „сите кои работеа на можноста Македонија да не добие препорака, денес се разочарани и се обидуваат да го намалат значењето на оваа препорака, но не можат да го тргнат срамот од себе, дека работеа спротивно од интересите на сите граѓани и целата Република Македонија“.

Потенцирајќи дека СДСМ сака да го игнорира и фактот дека препорака постои, Димовски потенцира дека за сегментот од извештајот што се однесува на политичкиот дијалог е виновна опозицијата. А за критиките дека Македонија се наоѓа во ќорскокак, изрази надеж дека „Унијата ќе успее да најде начин, со силна поддршка од наша страна, да се стави крај на ќор-сокакот, наметнат од една од членките на Унијата, како што и самите велат“.

Според Димовски препроката на ЕК значи оти Комисијата оценува дека „Република Македонија ги исполнува демократските и институционалните услови за наше целосно интегрирање во Унијата. Македонија е држава која е спремна да започне преговори. Македонија ги исполнува стандардите, Комисијата го констатира тоа и го препорачува... За среќа, не се остварија сценаријата за кои хаотичното раководство на СДСМ се надеваше и работеше. Не се оствари желбата Македонија да не ја добие препораката за почеток на преговорите. Очекувано е од ова хаотично раководство на СДСМ да сака со уцени спрема сопствената држава да дојде на власт, а притоа да не мора за тоа да гласаат граѓаните“.

Димовски потенцира и дека за владеачката партија е особено значајно што „ЕУ нотира голем напредок во економијата и прогрес во правосудството и јавната администрација, како и борбата против организираниот криминал. Пофалбите за економскиот дел се многу значајни за нас да продолжиме со политиките кои помагаат директно на сите граѓани. Политичките критериуми во континуитет се ефикасно исполнувани, се констатира во извештајот“, смета Димовски.

XS
SM
MD
LG