Линкови за пристапност

Турција под притисок заради наводното шверцување нафта со џихадистите


Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во среда објави дека борбата против екстремистичките групи е приоритет за Турција, но сега треба да настапи со дела.

Аналитичарите велат дека еден од клучните начини на кои Турција можеби и` помага на Исламската држава е со незадушување на шверцувањето на нафта од Исламската држава во Турција.

Стручњак за меѓународни односи, Соли Озел, од истанбулскиот Универзитет Кадир Хас, вели дека таква загриженост е основана.

„Има многу извештаи на очевидци. Има сведочења од локални луѓе кои се ангажирани во тоа, или барем кои го виделе тоа. Природата на конфликти од таков вид е да се шверцува нешто ако се може. Ако Сиријците имаа дијаманти, тие ќе шверцуваа дијаманти. Ако имаа злато, ќе шверцуваа злато. Ако имаат нафта, ќе шверцуваат нафта. Турското негирање на ова никој од турските сојузници не го прифаќа.“

Критикувањето на таа наводна улога на Турција во односот со џихадистичката група, расте во Вашингтон.

За време на сослушувањата минатиот месец во Комисијата за односи со странство на Сенатот, демократскиот сенатор Ед Марки јасно му кажа на американскиот државен секретар Џон Кери дека наводната улога на Турција во трговијата е неприфатлива.

„Неморално е Турција да е главен извор на финансирање на ИСИЛ. Ако успееме тоа да го прекинеме, ние ќе направиме немерлива штета на нивната способност да ја финансираат оваа војна. Мислам дека треба Турција да ја построиме, тоа мора да престане.“

Анкара луто ги негираше наводите дека не успева да го прекине шверсот со нафта на Исламската држава.

Министерот за енергија Танер Јилдиз неделава кажа дека неговата држава никогаш не би учествувала во нелегална трансакција. Висок турски претставник, зборувајќи под услов да не биде именуван, кажа дека безбедносните сили ги засилуваат активностите за прекин на таа трговија. Претставникот кажа дека веќе се гледа успех, зашто минатата година 78 милиони литри на шверцувана нафта била запленета, а само во првите шест месеци на оваа година запленети биле 58 милиони литри. Претставникот кажа дека нема податоци посебно за граничниот регион со Сирија.

Спорот меѓу Турција и нејзините западни сојузници е индикација за пошироко прашање на недоволна јасност во врска со ставот на Анкара спрема џихадистичката група, според Ченгиз Акдар, од истанбулскиот Универзитет Сулејман Сах. Токму атоа, изјаснувањето на Анкара ќе биде важен тест:

„Турција треба да излезе со јасен став по сите овие гласини и шпекулации. Јасно е дека ИД доаѓа до пари со продажбата на нафта. За коалицијата се важни дела, а не зборови.“

Американскиот претседател Барак Обама кажа дека прекинот на текот на профитот за Исламската држава е клучен дел на напорите на коалицијата за нејзино поразување. Бидејќи Турција споделува 900 километри долга граница со Сирија, од што најголем дел е под контрола на џихадистите, експертите велат дека соработката од Турција ќе биде пресудна за тие напори.

XS
SM
MD
LG