Линкови за пристапност

Македонија останува во Авганистан и по 2014-та


Ова го соопшти Министерот за одбрана на Македонија по средбата со секретарот на Морнарицата на САД.

Македонија е подготвена да биде дел од следната мисија во Авганистан по 2014- та, соопшти министерот за одбрана на Македонија Зоран Јолевски. Оваа одлука на македонските власти тој му ја соопшти лично на секретарот на Морнарицата на САД Реј Мабус, кој викендов престојуваше во Скопје.

„Заедно влеговме во Авганистан со американските и НАТО силите и заедно ќе се повлечеме откако авганистанските безбедносни сили ќе бидат способни да ја преземат целосната одговорност за мирот и стабилноста во земјата“, рече министерот Јолевски на прес конференцијата, по средбата.

Мабус, кој на оваа функција е од 2009-та и во Американската морнарица меѓу другото е одговорен и за регрутирање, организирање, опремување, обука и мобилизација рече дека во Македонија е за да ја истакне важноста на партнерство и на соработката меѓу Македонија и САД.

„Нашата соработка и начинот на којшто соработуваме и заедно работиме и во Ирак и во Авганистан се од клучно значење за нас. Македонските војници во многу наврати досега го покажаа нивниот огромен професионализам во начинот на работа. И фактот дека Македонија изјави дека ќе остане со нас во Авганистан и по 2014 во мисијата „Одлучна поддршка“, е од многу големо значење и во содржински и симболично“, рече тој.

Соработката во одбраната, Мабус и Јолевски ја оценија како одлична.

„Еден од најголемите докази за пријателството и стратешкото партнерство меѓу двете земји е тоа што нашите војници рамо до рамо се борат за зачувување на мирот и просперитетот во други во светот како што е Авганистан. Нашите припадници со учеството во овие мисии, како и во мисијата во Ирак, многу научија и придонесоа за мирот и стабилноста насекаде во светот“, додаде министерот Јолевски. Тој на прес конференцијата уште соопшти дека од Американската морнарица има понуда еден македонски офицер да оди на школување на една од престижните воени академии - Академијата на маринците, што, како што кажа, уште повеќе би ја зајакнала соработката.

„Токму поради тоа се важни вежбите. Една од нив што штотуку заврши е вежбата „Платинест волк“ во која учествуваа припадници од неколку земји, меѓу кои и од Македонија, а исто такво значење ќе имаат и двете вежби закажани за следната година“, рече секретарот на морнарицата на САД.

Во рамки на едноденвната посета на Македонија, г-динот Мабус се сретна и со претседателот Ѓорге Иванов и со премиерот Никола Груевски.

XS
SM
MD
LG