Линкови за пристапност

Македонија: Инспекторатот им даде за право на штрајкувачите


Констатирани се неправилности и донесено е решение за повторување на постапката според Законот за високо образование

По извршениот вонреден надзор на Економскиот факултет на штипскиот универзитет „Гоце Делчев” за скандалот со неприфаќањето на ставовите на експертите од Рецензентската комисија, на конкурсот за избор во звања во наставно-научните области финансии, сметководство и менаџмент, Државниот просветен инспекторат коннстатираше неправилности и донесе решение за повторување на постапката, која треба да се спроведе според Законот за високо образование, Статутот и Правилникот за работа на универзитетот.

Со тоа им Инспекторатот даде за право на тројцата доценти Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски, кои беа присилени на драстична форма на протест за да ги бранат своите права. Тие и денес, веќе петти ден штрајкуваат со глад, зашто се уште не ја добиле написмено одлуката.

Иако ги исполнувале сите законски услови и критериуми, за што добија и позитивен рецензентски извештај за избор во повисоко звање, тројцата доценти без образложение биле одбиени од Наставничкиот совет на факултетот кој го одбиле експертскиот став.. А со тоа што покрај одбиеното унапредување, не биле избрани ни во досегашното звање, штрајкувачите фактички ги губат и работните места.

Откако почнаа со штрајкот со глад на факултетот, универзитетското обезбедување ги исфрли од објектот, со образложение на деканот Ристо Фотов декафакултетот не е детска градинка“. Во сличен контекст беше и реакцијата на ректорот Саша Митрев, дадена по тридневно молчење, дека штрајкот со глад е „манифестација на состојба на маченици, кое не доликува на луѓе од универзитет“. Тој им порача на штрајкувачите дека „ако не ги сакаат колегите од Економскиот факултет при универзитетот Гоце Делчев, ќе ги земе некој друг“ и дека.„квалитетот ќе си го најде своето место“.

Поради ваквиот однос реагираше Синдикатот за образование, наука и култура – СОНК, кој побара извинување од деканот на Економскиот факултет, го обвини менаџментот на факултетот дека грубо го прекршил членот 38 од Уставот, со кој се гарантира правото на штрајк, и ги повика Државната просветна инспекција и Државниот трудов инспекторат веднаш да ја утврдат фактичката состојба околу основаното сомнение дека се направени повеќе прекршувања во постапката и донесувањето на одлуката од Наставничкиот совет на факултетот.

Покрај бројните професори кои реагираа против драстичното кршење на автономијата на универзитетот, и Народниот правобранител Иџет Мемети отвори предмет за штрајкот на онеправданите професори, потенцирајќи дека начинот на кој се искажува незадоволството е право на професорите.

XS
SM
MD
LG