Линкови за пристапност

Нуланд во посета на Скопје со јасна порака на поддршка

  • Соња Трајковска

Американската дипломатка кажа дека САД ја поддржуваат Македонија да го добие заслуженото место во НАТО и ЕУ

Поддршка за Македонија да го добие заслуженото место во НАТО и ЕУ, на процесот во ОН за решавање на проблемот со името и за двете заедници во земјата да работат заедно и да создадат нови стандарди за регионот за мир и сигурност. Ова се клучните пораки на американската администрација што во Скопје ги донесе помошник - државен секретар на САД за европски и евроазиски работи, Викторија Нуланд, на денешните средби со највисоките македонски претставници.

САД ја поддржуваат визијата за интегрирана Македонија во која македонската и албанската заедница ќе живеат заедно во мир и просперитет, рече високиот американски дипломат, алудирајќи на актуелната политичка ситуација во земјата.

„За тоа е неопходна тешка работа и разбирање од двете страни. Премиерот ми кажа некои од неговите планови во таа насока и ние сме охрабрени од напорите на двете заедници да работат заедно и да создадат нови стандарди за регионот за мир, сигурност, хармонија, интеретничка соработка и единство“, изјава Нуланд, а прес- конференцијата по средбата со македонскиот премиер Никола Груевски.

Одговарајќи на новинарско прашање, дали проширувањето се` уште останува приоритет за НАТО, Нуланд одговори потврдно, нагласувајќи притоа, дека тоа особено се однесува на Македонија.

„САД силно ја поддржуваат Македонија и бев многу задоволна денеска да чујам за реформите што ги презема и планира Владата. Премиерот ми потврди дека вашите обврски во Авганистан ќе продолжат заедно со нас, а тоа е силен сигнал дека Македонија е извозник на безбедност“, додаде таа.

Премиерот Груевски, пак, рече дека, освен реформите кои се обврска за членството во меѓународните организации, Македонија продолжува и да гради општество кое ќе биде пример во регионот.

„Со оглед на фактот дека процесот на реформите е процес кој бара континуитет и постојана посветеност ја изразуваме нашата недвосмислена определба за продолжување на реформите во сите области каде е тоа потребно, истакна Груевски, додавајќи дека се работи и на интегрирано општество и зајакната меѓуетничка кохезија и на изградба на соживотот и зајакнување на мостовите меѓу заедниците.

И американскиот помошник-државен секретар Нуланд и македонскиот премиер Груевски заеднички оценија дека односите меѓу двете држави се одлични и се карактеризираат со отворен и континуиран дијалог и соработка, засновани на принципите од Декларацијата за стратешко партнерство и соработка од 2008 година.

„Повторно го реафирмирав нашиот цврст став во однос на неопходноста за што е можно поскоро зачленување на Република Македонија во НАТО, како и потребата за итно отпочнување на преговорите за членство во ЕУ за што САД дава континуирана и недвосмислена поддршка. Нагласив дека очекуваме продолжување на силната американска поддршка во насока на добивање на одамна заслуженото членство во НАТО“, рече Груевски, додавајќи дека и Македонија и Грција имаат обврска целосно и конструктивно да ги продолжат преговорите за надминување со проблемот за името под покровителство на генералниот секретар на ОН, додека од САД, Македонија очекува „со уште поголем елан да даваат придонес и нови импулси за изнаоѓање на принципиелно и прифатливо решение за овој наметнат и ирационален спор“.

Во однос на економската соработка, и Вашингтон и Скопје сметаат дека може уште да се зајакнува и оти „роуд – шоу“- презентациите организирани во неколку наврати во текот на изминатите години, дале дополнителен импулс во таа насока.

„Република Македонија во САД гледа земја пријател и партнер и ние ќе продолжиме со работа на развивање и унапредување на соработката во сите сфери од заеднички интерес“, рече премиерот Груевски на прес - конференцијата.

Високиот претставник на американскиот Стејт Департмент во Скопје беше примена и од претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, а разговараше и со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски. И на овие средби, како што соопштија прес – службите, доминирале прашањата за билатералните односи меѓу двете држави, кои ги карактеризира стратешко партнерство, отворен дијалог и пријателство, и отворањето на пристапните преговори со Европската унија и реализирањето на поканата за членство во НАТО.

Пораката од Нуланд е дека „Република Македонија, како и досега, така и во наредниот период, може да смета на силна поддршка од САД во реализацијата на поставените стратешки цели“.

Посетата на Нуланд на Македонија, многумина експерти во земјава ја оценија како многу значајна, бидејќи таа се смета за добар познавач на состојбите во Македонија, и дека доаѓа со директни и јасни пораки до македонската политичка елита, во време кога земјава се соочува со сериозни проблеми. Воедно нејзината посета е непосредно пред доаѓањето на медијаторот во грчко-македонскиот спор, Метју Нимиц.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG