Линкови за пристапност

Нови повици за протести, загриженост и предупредувања

  • Синиша Станковиќ

И Стејт департментот ги предупредува своите државјани за протестите кои се случуваат во Македонија

Македонските граѓани сметаат дека за смирување на меѓуетничките инциденти најмногу можат да придонесат верските заедници и меѓународните дипломати.

По повикот до Албанците од соседните држави, да се придружат на револтот на Албанците од Македонија, по повод изречените шест доживотни казни затвор на обвинетите за петкратното убиство кај Смиљковското Езеро, на социјалните мрежи се појавија нформации за организирање протести во Тирана и во Приштина.

Навивачка група „Плисат“ од Приштина најавила иницијатива за протести за подршка на Албанците во Македонија која ја нарекуваат Илирида: „Протести за поддршка на Албанците во Илирида - 8 јули, 2014. Во отсуство на институционална поддршка како од властите во Приштина, така и од властите во Тирана, ние ќе ги информираме дека ја имаат поддршката на сите Албанци. Протестите ќе се организираат за поддршка на Албанците кои живеат во Илирида и истовремено ќе им соопштиме дека не се сами“.

Македонските медиуми го пренесоа пишувањето на порталот на албански јазик „Лајм“, според кој, поддршка на демонстрантите и повик за што поголема излезност на протестите упатил албанскиот рапер Пресиони, кој ги повикал сонародниците на протест пред македонската амбасада, „како поддршка на нашите браќа Албанци - немојте да изостанете ... Ние сме едно, моја Албанија“.

Според медиумите, поддршка на социјалните мрежи упатила и албанската пејачка од Македонија, Туна Сејдиу, која најавила дека ќе протестира во среда во Приштина.

Истовремено, Владата на Косово повика на целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор и на политички дијалог во Македонија: „Почитувањето на фундаменталните, уставни и институционални права е единствен начин за избегнување на ескалација на насилството, што може да има тешки последици за целиот регион... Албанскиот народ во Македонија, има свои претставници, избрани на демократски начин, чија обврска е на институционален начин да се справат со проблемите и грижите на Албанците“

Иако вчера и денес во Македонија е мирно, внимание привлекоа резултатите на анкетата на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, според која, иако за граѓаните на Македонија, Владата и Собранието со 37,9% и 27,3% гласови од анкетираните, се најодговорните институции за подобрување на политичкиот дијалог во општеството, сепак, според граѓаните, за смирување на меѓуетничките инциденти најмногу можат да придонесат верските заедници - 39,1% и меѓународните дипломати и претставниците на меѓународните организации – 29,2 % од испитаниците

Но, засега, дипоматијата главно испраќа предупредувања. Британските власти им упатија совет на своите државјани во Македонија. „Повеќето посети на Македонија не се проблематични. Има повремени акти на криминално насилство, иако главно не се насочени кон странците. Најавено е одржување секојдневни протести во попладневните часови во текот на јули, во центарот на Скопје и други градови во Македонија (главно во северо-западниот дел). Проверете ги локалните медиуми и избегнувајте било какви демонстрации или големи собири. Посебно внимавајте ако патувате во северните и западните погранични региони на Македонија“.

Во сличен стил и Стејт департмент ги предупредува своите државјани за протестите кои се случуваат во Македонија: „Би сакале да ги потсетиме граѓаните на САД дека дури и собири кои се предвидени да бидат мирни, може да ескалираат во насилство. Избегнувајте области каде има собири и бидете претпазливи во близина на било какви големи собири, протести, или демонстрации“.

Откако Европската федерација на новинари преку соопштение изрази длабока загриженост за безбедноста и работните услови на новинарите во Македонија кои известуваат за насилните протести кои се случуваат во Скопје, се огласи и МВР. Најпрвин Европската федерација на новинари го осуди инцидентот со приведениот новинар на медиумот „Лајм“ Бесим Ибраими, кој по ослободувањето од полициската станица изјави дека бил третиран на нечовечен начин, дека му биле ставени лисици и дека бил влечен и навредуван на национална база. ЕФЈ ги повика македонските власти да обезбедат амбиент во кој новинарите непречено ќе можат да известуваат: „Европската федерација ја потсетува јавноста, демонстрантите и националните власти дека новинарот не смее да биде таргетиран, притворуван и вознемируван за време на вршење на својата работа бидејќи тие имаат суштински обврски во однос на собирањето, уредувањето и коментирањето на вестите“

Но, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР, по обвинувањата на Ибраими за физичко и психичко малтретирање во полициската постапка, излезе со став дека ваквите обвинувања се неосновани и дека на Ибрахими му биле овозможени сите права на задржано лице, односно дека над него не е употребена прекумерна физичка сила или средства за присила. „Лицето немало никаква новинарска легитимација, ниту какво било обележје дека работи во некој медиум“, се вели во соопштението. „Токму разговорот со Б.И. е воден во присуство на адвокат... За време на задржувањето и преземање на мерки за расчистување на настанот во полициската станица во Кисела Вода биле присутни тројца јавни обвинители, кои давале насоки за постапување на инспекторите од Одделението за насилен криминал. По документирање на настанот, против Б.И. е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело учество во толпа“, стои во соопштението на МВР.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG