Линкови за пристапност

Груевски и официјално мандатар за состав на новата влада

  • Соња Трајковска

Од утре започнува да тече законскиот рок од 20 дена во кој мандатарот треба до Собранието да поднесе предлог.

Никола Груевски и официјално е манадатар на новата Влада. Денеска попладне тој мaндатот за формирање на новата македонска влада го доби од претседателот на државата, Ѓорге Иванов, откако коалицијата што ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ чиј претседател е Груевски, освои најмногу гласови на предвремените парламентарни избори.

Од утре започнува да тече законскиот рок од 20 дена во кој мандатарот треба до Собранието да поднесе програма и предлогот за персонален состав на новата извршна власт. Собранието пак, има на располагање уште 15 дена потоа да закаже седница со овие точки на дневен ред. Судејќи според распоредот на силите во Парламентот, каде ВМРО-ДПМНЕ има 62 пратеници, речиси извесната коалиција со ДУИ која освои 19 пратеници и поради откажувањето на опозицијата од мандатите, речиси е јасно дека Груевски ќе биде старо-нов премиер, а мнозинството без проблем ќе ги изгласа нивните предлози.

Но кој ќе се најде на кадровската листа на мандатарот најмногу зависи од преговорите што се водат меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, двете партии кои секоја кај своите етнички заедници освои најголем број гласови. Тие се одвиваат на ниво на технички тимови, а бидејќи се затворени за јавноста, според неофицијалните информации на овдешните медиуми, тие се во завршна фаза.

Според овие информации, договорено е кадри на ДУИ да предводат два вицепремиерски и четири министерски ресори, а се преговара за директорките места во други државни институции. Портпаролот на ДУИ Бујар Османи, на оваа тема одговара кусо дека досега ги усогласиле платформите и се` уште разговараат за принципите на соработка при заедничкото владеење, додека од ВМРО-ДПМНЕ не коментираат ништо. Од почетокот на овие преговори, медиумите шпекулираат дека ВМРО-ДПМНЕ бараат од идниот коалициски партнер ДУИ да го признае легитимитетот на претседателот Ѓорге Иванов кој вториот мандат го освoи без поддршка од оваа партија, која инсистираше на консензуален кандидат. Но портпаролот на ДУИ Османи во изјава за телевизијата Алсат-М минатата недела, рече дека „ДУИ е подготвена да ја признае легитимноста на претседателот Ѓорге Иванов ако Македонија направи компромис и стане дел од НАТО на самитот во септември“.

„Имаме историска можност во септември да станеме членка на НАТО. За нас приоритет е членството на Македонија во НАТО и ги кажавме причините за тоа, бидејќи тоа е основа за унапредување на нашето прашање. За нас приоритетно е Македонија и Албанците во Македонија да бидат таму каде што заслужуваат. Така што сите компромиси во насока на нашите интеграции во НАТО, ние сме спремни да ги направиме“, изјави Османи за ТВ Алсат-М.

Според експертски проценки, доколку с`е оди без проблеми, првиот работен ден на новата влада би бил 20 јуни. Тогаш Груевски, за осум години по четврти пат ќе седне во премиерската фотеља.
XS
SM
MD
LG