Линкови за пристапност

САД ја обвинија кинеската армија за економско шпионирање


Ова е прво обвинение против странска сила за кибернетски криминал чија мета биле американски бизниси.

САД обвинија петмина армиски офицери за шпионирање против американски компании за нуклеарна и соларна енергија и производство на метал.

Кина веднаш отфрли секакви наводи за криминални дела, за прв пат покренати против странска сила за кибернетски криминал чија мета биле американски бизниси.

Главниот американски обвинител, Ерик Холдер, во понеделник кажа дека сите нации се ангажирани во разузнавање. Но тој кажа дека САД „категорично одбиваат“ економска шпионажа изведена од единица на Народната ослободителна армија во Шангај што обезбеди „значителни“ информации за кинески компании, вклучувајќи државни претпријатија.

Холдер кажа: „Кога странска нација ја користи армијата или разузнавачки ресурси против американски извршни лица или корпорации да дојде до трговски тајни или чувствителни информации во корист на компании во државна сопственост, мора да кажеме – доста е.“

Кинеското министерство за надворешни работи ги отфрли обвиненијата како „фабрикувани“ и кажа дека тоа ќе ја подрие довербата меѓу двете влади. Во знак на протест, Пекинг рече дека ги суспендира активностите на сино-американската интернет работна група.

Дали петмината кинески армиски офицери воопшто ќе бидат изведени пред суд е отворено прашање.

Обвиненијата ги свртеа двете најголеми светски економии една против друга.

САД имаат целокупно економско производство што е два пати поголемо од кинеското, околу 16 трилиони спрема 8 трилиони долари годишно. Но некои аналитичари велат дека со други мерки, Кина би можела во рок од една година да ги надмине САД и да стане најголема светска економија.
XS
SM
MD
LG