Линкови за пристапност

САД со дипломатија против руската пропаганда


Потсекретарот за јавна дипломатија Ричард Стенгел е во Киев за поддршка на слободни и независни избори закажани за 25-ти мај.

Потсекретарот за јавна дипломатија и односи со јавноста во американскиот Стејт департмент, Ричард Стенгел, беше во Киев да даде поддршка за украинските избори закажани за 25-ти мај и да разговара за тоа како САД се обидуваат да се борат против руската пропаганда преку определбата за слободен печат. Во ексклузивно интервју за Гласот на Америка тој кажа:
„Сметаме дека изборите на 25-ти мај се од животно значење за демократијата и промената, и сакаме да помогнеме да се одржат слободни и фер избори на секаков можен начин. Изборите никогаш не се совршени и секогаш има проблеми, но со посебна загриженост гледаме на тоа што Русија може да направи во Украина. Претседателот и државниот секретар побараа од Русија да не се меша во избориме и се надеваме дека тоа ќе го стори.“
Стенгел за Гласот на Америка зборуваше и за можното засилување на санкциите спрема Русија:

„Претседателот реши дека санкциите треба да бидат соодветни и мислам дека ако Русите се мешаат во изборите ќе има последици. Една од тие последици ќе бидат поостри санкции или повеќе санкции по сектори.“

За пропагандата тој рече дека е успешна кога луѓето немаат друг поглед на свет и кога исти фикции и лаги постојано се повторуваат. Затоа, како што рече, дел од неговата работа во Киев е борбата против фикцијата со реалноста, како и да поддржи слободно изразување и да го изнесе ставот на САД за некои работи.

„Руската пропагандна машинерија вели дека Киев е под опсада и дека луѓето се плашат да излезат, што не е точно, зашто за овие два дена во Киев, јас гледам дека кафулињата се полни и луѓе има насекаде, што го прави тврдењето апсолутна лага. Ние правиме се` што можеме луѓето да ја видат таа реалност“, рече Стенгел.
XS
SM
MD
LG