Линкови за пристапност

Волерс: Веруваме дека вреди да се споделуваат традициите со другите


Промовирана монографијата „Зачувување и заштита“ во Даут Пашиниот амам во Скопје

Црквата „Свети Спас“ во Скопје, Турската бања во Тетово, Мегалитската опсерваторија Кокино, Даут-пашиниот амам во Скопје, Шарена џамија во Тетово, конакот во манастирот „Св. Архангели“ во скопско Кучевиште се само дел од објектите од националното културно богатство на Македонија што се реставрирани и конзервирани со средства од Амбасадорскиот фонд на САД. Во вкупно 11 проекти од 2001-та до 2012-та година инвестирани се повеќе од еден милион долари, а сите тие, заедно со уште 19 споменици на културата во Црна Гора, Албанија и Косово се наоѓаат во монографија „Зачувување и заштита“, што беше промовирана денеска во Скопје, во Даут Пашиниот амам кој е еден од 11-те реставрирани објекти со овие средства.
За американскиот амбасадор во Македонија Пол Волерс, зачувувањето на она што е изградено пред нашето време, значи создавање врска со минатото која, според него, ја зајакнува културата и помага да ја разбереме историјата.

„Кога ќе зачувате парче од културата, тоа парче може да се сподели со светот. САД имаат инвестирано повеќе од 26 милиони долари за зачувување на историски и културни објекти ширум светот, бидејќи ние веруваме дека вреди да се споделуваат традициите со другите. Овие локалитети ќе служат не само како историски потсетник, туку и како мостови на градење посилни врски на заемно разбирање во светот. Горди сме што преку Амбасадорскиот фонд за културна заштита само во Македонија имаме инвестирано повеќе од еден милион долари. Македонија има неверојатно богата историја и овие локалитети помагаат да се раскаже приказната за таа историја“, рече амбасадорот Волерс.

За македонската министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, македонско-американското партнерство и во иднина ќе биде инспиративен пример за успешна соработка и отворена можност за нови проекти од областа на културното наследство.

„ Република Македонија е земја на стари цркви и манастири, објекти од старата градска архитектура, џамии, саат-кули - артефакти кои го одразуваат духот на македонскиот народ и на македонската држава. Заштитата на ваквите споменици е постојана грижа и приоритет на Владата“, рече таа.

Таа му се заблагодари на амбасадорот Волерс за американската поддршка, но и за неговиот личен ангажман во овој проект.
XS
SM
MD
LG