Линкови за пристапност

Дебата за сурогат-мајчинството

  • Соња Трајковска

Лекари, правници, психолози, социолози - се согласни дека ова му е потребно на современото македонско општество

Во Македонија се отвора прашањето за сурогат - мајчинство. Она што сега и со закон е забрането, наскоро може да внесе радост во многу семејства во земјава, кај кои ниту еден метод, па ни оној за вонтелесно оплодување (ин витро) не им помогнал да станат родители.

Речиси сите кои би биле вклучени во овој процес на дете преку сурогат – мајка: лекари, правници, психолози, филозофи, социолози, познавачи на човековите права, се согласни дека ова му е потребно на современото македонско општество.

Но преку дебати, кои започнаа неделава, ќе се собираат идеи и предлози, за тоа под кои услови ќе се спроведува овој, засега предлог – концепт.
Македонија не е единствена европска земја каде сурогат - мајчинството е забрането. Така е и во далеку поразвиените и со понапредна демократија, Германија и во Франција, но затоа тоа одамна е пракса во САД, Канада, Русија, Велика Британија, Холандија, Белгија... И некои македонски двојки сепак ги прошириле своите семејства преку ваков пород.

Според пишувањето на овдешните медиуми едни од најчестите дестинации се Украина и Грузија, а најголема причина, зошто овој број е многу мал е високата цена, која се движи до 60.000 долари.

Што содржи предлог- концептот за сурогат – мајчинство?

Здравствените власти предупредуваат дека сепак процедурата до конечното решение – „да“ или „не“ за сурогат- мајчинството, ќе биде долга, а идејата е законот на крајот да биде идеален, и да не се остави ни најмал простор за евентуални злоупотреби.

„Има два концепта на сурогат-мајчинство - алтруистичко и комерцијално. Ние предвидуваме еден подвид на алтруистичко сурогат-мајчинство и да можат да бидат исплатени определени трошоци на сурогат-мајката што се поврзани со нејзиниот живот за време на тој период, за правилна исхрана, лекување, прегледи ... Притоа, тие да не може да бидат повисоки од една просечна плата исплатена месечно во стопанството, издвојувајќи ги тука трошоците за преглед или за породување, објасни министерот за здравство Никола Тодоров.

Предлог-концептот забранува рекламирање и регрутирање сурогат-мајки, и казни, кривични санкции до или над 10 години затвор за кршење на законот. Посебно казните ќе се однесуваат на оние кои ќе организираат, подведуваат или ќе спроведуваат противзаконско сурогат-мајчинство.

Прецизно ќе се дефинира старосната граница и останатите карактеристики на идната сурогат-мајка: на пример, таа не може да биде помлада од 21 година, ќе мине низ психолошки и здравствени тестови и само еднаш ќе може да подари живот на ваков начин. Ќе биде оплодена со ин витро, нема да има родителско право над детето што ќе го роди, освен во случај на смрт на родителите на детето што ќе го роди, односно барателите на сурогат- мајчинството. Предлогот содржи строга забрана за сурогат- мајчинството да се користи како професија, нема да има фирми преку кои ќе се бараат вакви мајки. Според министерот Тодоров, тука се земени предвид искуствата од некои други земји, каде сестра и раѓа дете на сопствената сестра, или тоа го прави пријателка.

Лекарите се „за“

Едни од најголемите поборници за овој концепт се лекарите- гинеколози, кои се сведоци на секојдневни голготи на многу бездетни семејства. За нив постои зрелост на општеството, но мора да се биде многу внимателен, бидејќи се работи за многу етична и чувствителна работа.

Слободан Лазаревски, шеф на одделот за асистирана репродукција во приватната клиничката болница „Аџибадем Систина“, смета дека по пет ипол години од донесувањето на законот за ин – витро, покажале дека можеме да се справиме со ваков предизвик.

„Мислам дека е време да поддржиме таков закон, со строги критериуми и оневозможување на комерцијализацијата“, вели Лазаров.

„Треба да се има високо внимание и по раѓањето, сепак, жената во тој период е најемотивна. Посебно треба да с евнимава на делот од предлогот каде се вели: детето одма да се земе од родилката“, потенцира д-р Славејко Сапунов.

И претседателот на Здружението за хумана репродуктивна медицина, Глигор Димитров е „за“ идејата, но таа да се дополни и законот за ин витро.

„Кај нас нема увоз на јајце клетки, додека тоа е овозможено за сперма за ин витро. Кога се носеше законот, не предвиделе дека медицината ќе напредне и тие ќе може да се замрзнуваат. Има 100-150 жени годишно што имаат потреба од донирана јајце клетка“, вели тој.

Што е со правата на детето?

Експертите во областа на човековите права, пак, сметаат дека предложениот концепт има извесни недостатоци. На пример, што е со правата на детето што ќе се роди од сурогат- мајка? Виолета Михајловска, експерт по родови студии, смета дека евентуалниот закон мора да содржи клаузула со која ќе се штити интегритетот на детето, затоа што, според неа, „тоа дете не е предмет на обична трансакција, туку е благослов“.

„Од друга страна, пак, мора да се балансира и со правата на детето бидејќи според член 7 и член 8 од Конвенцијата за правата на децата, детето има право да го знае своето потекло и идентитет“, вели Михајловска.
Друга дилема, според неа, е и долната возрасна граница на сурогат-мајката – да биде постара од 21 година.

„Се прашувам, дали девојка од 21 до 22 години може сама да одлучи да роди? Дали ваквата можност исто така, нема да биде злоупотребена? Лично сметам дека сурогат-мајка треба да биде онаа мајка која има родено најпрво свои деца, има развиено чувство на одговорност и грижа за детето од моментот на неговото зачнување. А најмногу од се`, сметам дека раѓањето на прво дете со цел да се исполни договорот за сурогат-мајчинство, кај девојка до дваесетина години, би можело да предизвика понатаму разни психосоматски последици“, смета Михајловска.

Она што исто така треба подлабоко да се анализира, според експертите, е и тоа, дали сурогат – малцинството треба да биде последната инстанца за остварувањето како родители, откако сите други опции ќе биде исцрпени? Дилемата е дали мора жените да минат три неуспешни обиди на ин витро оплодување, па после сите емотивни премрежја да побараат сурогат – мајка, или треба да се дозволи право на сопствен избор.
XS
SM
MD
LG