Линкови за пристапност

Сега Азија бара објаснување за шпионирањето


Скандалот предизвикан од протечени документи од Едвард Сноуден не замира - Индонезија и Кина протестираат во моментов.

Индонезиското Министерство за надворешни работи го свика на разговор американскиот амбасадор во Џакарта да даде објаснување по наводите дека амбасадата на САД го шпионирала претседателот Сусило Бамбанг Јудхојоно.

Новинските извештаи повикувајќи се на неодамнешните документи на поранешниот разузнавач од Агенцијата за национална безбедност ,Едвард Сноуден, индицираат дека во амбасадата на САД во Џакарта е инсталирана опрема за прислушкување при што биле следени разговорите на претседателот и други индонезиски лидери.

Индонезискиот министер за надворешни работи истакна дека активностите не само што би се како упад во безбедносните системи, тоа се и сериозни прекршувања на дипломатските норми и етика. Тој побара објаснување од САД.

Политичкиот аналитичар Алексиус Џемаду смета дека тврдењата може да ги разнишаат односите меѓу двете земји.

„Мислам дека американската влада ќе треба да има храброст да објасни за да ја врати довербата, со цел да ги зајакне и развие добрите односи, земајќи предвид дека Индонезија игра клучна улога во стабилноста на Југоисточна Азија“, вели овој експерт.

Индонезија е клучен регионален партнер на САД, особено како дипломатска противтежа на агресивните територијални аспирации во Јужното Кинеско Море.

И други американски сојузници изразија незадоволство по извештаите за наводното шпионирање на странски лидери од страна на САД.

Стејт департментот одби да одговори на специфичните трврдења, и само потенцираше дека разузнавачките информации ќе бидат комплетирани кон крајот на годината.

Интензивирањето на случајот уследи и по критиката од Кина, Русија и Индија дека САД имаат преголема контрола околу инфраструктурата во кибернетскиот простор.

Во Пекинг, портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Хуа Чунјинг од САД побара да ја објасни употребата на амбасадите во Австралија за потребите на шпионирање.

Таа вели дека Кина е особено загрижена за овој извештај. Потенцираше дека ќе биде побарано од сите странски амбасади во Кина да ја почитуваат Виенската конвенција за дипломатски односи и да не бидат вмешани во активностите што штетат на кинеската безбедност и интереси.

Неделава јапонската новинска агенција Кјодо соопшти дека во 2011-та година Националната агенција за безбедност побарала од Токио да помогне во пристап до каблите со оптички влакна што пренесуваат комуникации од Кина. Во написот се додава дека јапонските власти го одбиле барањето заради загриженост дека ќе се коси со законите за прислушкување на Јапонија.
XS
SM
MD
LG