Линкови за пристапност

Благ оптимизам за можно решение во трговскиот спор


Во недостиг на официјални домашни информации, македонските портали вечерва ги пренесоа оптимистичките најави на косовските медиуми дека е постигнат договор

Приштински „Експрес“ објавил дека Дритан Лајчи,, советник во кабинетот на потпретседателот на косовската Влада, Хајредин Кучи, кој во текот на денот имал интензивни консултации со македонските власти околу решението во врска со ембаргото од косовска страна за производите од Македонија, и во врска со влезните такси за граѓаните на Косово при влез во Македонија, изјавил дека се` уште нема конечен договор, но дека кај двете страни постои согласност за враќање на состојбата од пред донесувањето на одлуките за ембарго и за влезни такси.

Дел од македонските медиуими пренесоа и уште пооптимистички најави на приштинските медиуми дека Косово веќе утре изутрина ќе ја крене рампата за македонските производи, и покрај тоа што не се оствари најавената посета на косовскиот вицепремиер Кучи во Скопје.

Денес беше објавено и дека косовската вицепремиерка Мимоза Кусари, ја одбила поканата на вицепремиерот за економски прашања, во македонската Влада, Владимир Пешевски за ТВ-соочување и за изнесување на аргументите на двете влади. Во соопштението на вицепремиерот Пешевски, беше речено дека „заедничкиот настап ќе ги отстрани можностите за различни толкувања на оваа ситуација и причините поради кои таа настана, и ќе спречи да се создаде лузна во добрососедските односи на Македонија и Косово“. Но, по одбивањето, тој изјави дека неговата косовска колешка, во својот одговор се повикала на директен дијалог. „Точно е дека решението е можно да биде најдено само во директни разговори, нешто што повторно го нагласив во меѓусебната размена на пораки со вицепремиерката Кусари уште минатата недела, но исто, сметам дека граѓаните на двете држави треба да знаат дека во ниту еден момент Република Македонија не посакуваше ваков развој на настаните“, навел Пешевски.

За условениот увоз на брашно, главната причина за првата, делумна косовската блокада на неколку македонски производи, македонските медиуми, цитирајќи свои извори блиски до Владата, објавија дека мерката ќе се укине за неколку дена, но дека македонската Влада „нема да потклекне на неприфатливите уцени и притисоци од Косово“.

И денес продолжи протестот на македонските транспортери, кои периодично, сепак, пропуштаа возила по половина час. „Ние остануваме на граничниот премин Блаце додека двете влади не го решат проблемот“, изјави за медиумите, Билјана Муратовска од здружението „Макамтранс“.

Според медиумите и претседателот Ѓорге Иванов денес изјавил дека ако не дојде до решение, ќе има средба со косовската претседателка Атифете Јахјага, а косовскиот премиер Хашим Тачи, вчера потенцирал дека верува оти „постои волја за надминување на оваа непосакувана ситуација. Јас можам да зборувам во име на Косово, но тоа нема многу да помогне за антиевропскиот пристап на Македонија кон Косово“. Тој затоа апелирал за затворање на спорното прашање што е можно побрзо, „се разбира почитувајќи ги интересите на државата и на граѓаните на Косово“.

Но, вчера, претседателот на косовскиот парламент Јакуп Красниќи во изјава за косовските медиуми го обвинил премиерот Тачи и неговата заменичка Кусари, дека и спорот е во функција на претстојните локални избори на Косово.

„Зошто ова настојување на нашата Влада да докаже машкост кај Блаце а не и во Брисел и на граничните премини со Србија? Ова се прашања кои бараат потребни одговори. Не знам, но некои велат: да не се случува ова за отргнување на вниманието на главните проблеми кои ги има земјата? Едно се знае, ова не е работа на министрите. Кој е премиер тука?“, прашал Красниќи.

Паралелно со таа изјава, и заменик – премиерот на Косово, Кучи, во интервју за ТВ Клан, го нарече Никола Груевски - „последниот националист во регионот“ и ја префрли вината за ескалацијата на состојбите меѓу двата соседа, на Владата во Скопје, која според Кучи, „функционира врз база на национализам, а не врз флексибилност и идејата за евроинтеграции“.

„Груевски е последното прибежите на националистите што останаа во регинот. И тие во Белград се сменија. Она што го прави Груевски, го прави за да не прикажуваат на BBC и CNN. Јас не сакам да не има на телевизија поради ова. Таа политика на прво место и` штети на нивната држава, па потоа и на другите“, изјави Кучи.
XS
SM
MD
LG