Линкови за пристапност

Писма со рицин до градоначалникот на Њујорк


Мајкл Блумберг вели дека се реакција на неговата интензивна кампања за контрола на огненото оружје.

Градоначалникот на Њујорк Мајкл Блумберг тврди дека двете писма со отровот рицин, испратени на негова адреса, навидум се поврзани со неговата интензивна кампања за контрола на огненото оружје.

Според првиот човек на Њујорк, во барем едно од нив се споменува неговата заложба за построги закони за поседувањето на огнено оружје. Но, тој најави дека случајот нема да го одврати од кампањата.

„Ова не е прво вакво писмо испратено до некого. Зошто го направиле тоа, не знам, очигледно во писмото се споменува напорот за контрола на огненото оружје. Според проценките, годинава во вакви инциденти ќе загинат 12.000 лица, а 19.000 ќе извршат самоубиство и ние нема да запреме со нашиот напор“, рече Блумберг.

Блумберг е главниот организатор на „Градоначалници против илегалното оружје“, организација формирана во 2006-та, на средбата на 15 челници на различни градови. Сега во неа членуваат над 950 градоначалници од целата земја.

Организацијата ги зајакна своите напори годинава, откако вооружен младич упадна во училиште во Њутаун, сојузната држава Конектикат, и уби 26 лица, повеќето деца.

И покрај тоа, противниците на ограничување на правото да се поседува огнено оружје, вклучувајќи го и влијателното Национално здружение за огнено оружје, годинава во Конгресот ги блокираа сите напори за донесување на нови закони за ова прашање.
XS
SM
MD
LG