Линкови за пристапност

Македонија жали за трагедијата во Бостон

  • Соња Трајковска

Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов упати писмо со сочувство до Барак Обама.

Македонската јавноста заедно со светската јавност со внимание следи се` што доаѓа како информација од американскиот континент, по вчерашната трагедија во Бостон, кога денот кога се слави еден од најзначајните моменти од американската историја, кога спортскиот дух обединува 25.000 луѓе без разлика на верската, расната и националната припадност, се претвори во една од најголемите светски трагедии.

„Во овие мигови на длабока тага, дозволете ми да изразам искрено сочувство и да Ве охрабрам во истрајноста и решителноста во борбата со насилството и злосторничките акти, без разлика од каде и од што се мотивирани“. Овие зборови на сочувство ги упати македонскиот претседател Ѓорге Иванов, во телеграмата до претседателот на САД Барак Обама, во име на граѓаните на Република Македонија.

„Сакам да знаете“, се вели натаму во телеграмата, „дека во таа ваша мисија против ваквите злосторнички акти, кои шират страв и од кои никој и никаде не е безбеден, во Република Македонија имате искрен партнер“.

Сочувство во овие моменти на тага до американската нација упати и претседателот на Македонското собрание Трајко Велјановски, преку телеграма до претседателот на Претставничкиот дом на САД Џон Бејнер.

„Ништо не може да ја ублажи болката по загубата на најблиските. Сочувствувам со Вас во овие тажни моменти и длабоко жалам за загубените животи во оваа голема трагедија. Посакувам брзо да ја надминете болката, иако тагата за изгубените животи ќе биде вечна“, пишува Велјановски.

Македонија најoстро ги осудува ваквите акти на насилство, чии резултат се бројни недолжни жртви и ги споделува цврстите заложби за борба против сите форми на насилство и тероризам во глобални рамки. Оваа порака, заедно со сочувство и солидарност по повод трагедијата која се случи за време на Бостонскиот маратон ја испрати министерот за надворешни работи Никола Попоски до државниот секретар Џон Кери.

„Би сакал да упатам и желби за брзо закрепнување на повредените лица, со уверување дека извршителите на овој злосторнички чин набрзо ќе излезат пред лицето на правдата", се вели во писмото.

Со осуда за терористичкиот чин, се јави и Сојузот на спортови на Скопје, кој е организатор на многу помалиот, но значен Скопки маратон. „Маратоните служат за испраќање пораки на мир и пријателство, а не за насилство и терористички напади. Апелираме да се преземат сите мерки во светот да спортските натпревари бидат безбедни за спортистите и љубителите на спортот. Ние сочувствуваме со семејствата на жртвите и со организаторите на Бостонскиот маратон, велат во пораката од Сојузот на спортови на Скопје.
XS
SM
MD
LG