Линкови за пристапност

Без решение за кризата европските интеграции се загрозени


Предупредувањата од меѓународната заедница се поексплицитни

Колку што повеќе се продлабочува кризата во државата толку се зголемува динамиката на пораките од меѓународните фактори.

НАТО,ОБСЕ и ЕУ ја изразија во заедничко соопштение загриженоста за состојбите во Македонија.

„ Моменталната криза ги загрозува аспирациите на граѓаните за подобра иднина, како и политичката стабилност на земјата. Мора да се преземат чекори за оддалечување од јавните ултиматуми, фиксни позиции и краткорочни тактики, а кон приближување до директен дијалог и компромис од најдобар интерес за граѓаните и државата“, се вели во нивното соопштение.

Еврокомсарот Филе пред денешната средба со вицепремиерот Бесими преку Твитер порача:

„Време е за компромис. Време е да се стават вашите граѓани на прво место“.

Порака за загриженост поради состојбите во Македонија дојде и од Европскиот парлемент.

Преку смела акција во деновиве што следат Македонија има шанса да ја искористи историската шанса и да направи важен чекор во процесот на пристапувањето кон ЕУ,изјави Ричард Ховит од Европскиот парламент, потенцирајќи дека пропуштањето на шансата може да има далекусежни последици. Претходно Ховит соопшти дека се одложува извештајот на ЕП за Македонија за да се даде шанса да се надмине кризата, а со тоа и да се избегне негативната оценка која Извештајот би ја содржел доколку не се најде излез од ќорсокакот.

По пораките од Брисел, следеа и изјавите на амбасадорите во Македонија.

„Случувањата на 24 декември не беа добри но јас не верувам дека бојкотот на локалните избори е добар чекор. Мислам дека оваа недела постои мала шанса за лидерите на политичките партии да изнајдат решение за излез од кризата“, изјави амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав.

И британскиот амбасадор Кристофер Ивон побара што поскоро да се надминат разликите со предупредување дека ако кризата не се реши ќе бидат загрозени евроинтеграциите.

Попладнево во Брисел за кризата разговараа вицепремиерот Фатмир Бесими и комесарот Филе. Комесарот пренесе дека моменталната политичка состојба е во врска со Копенхашките критериуми посебно во однос на зрелоста на политичките институции што е исклучително важно за евроинтеграциите. „Ние треба да останеме посветени на реформската агенда и сите да се фокусираат на државниот интерес и интересот на граѓаните“, изјави Бесими по средбата во комесарот Филе.

Медиумите јавија дека утре во Скопје ќе допатува европратеикот задолжен за односите со Македонија, Ричард Ховит, но за оваа информација нема официјална потврда.
XS
SM
MD
LG