Линкови за пристапност

Лондон наспроти Пекинг


Многумина љубители на Олимпијадата се согласни дека искуството од Олимпијадата во Лондон досега е доста различно од она во Пекинг, пред четири години.

Американецот Гари Дејвис бил на осум Олимпијади и од тоа искуство црпи кога вели дека стадионите изградени за Игрите во Лондон не може да се споредат со иконичните архитектонски дизајни на стадионот „Птичјо гнездо“ во Пекинг, или пак „Водената коцка“, арената во која се натпреваруваа пливачите на Олимпијадата 2008-мата. Па сепак, мисли дека Лондон има други предности.

„Објектите во Пекинг беа спектакуларни, неверојатни. Овие немаат недостатоци. Убави се. Се ` е мошне добро организирано“.

За Џон Фогарти, посетител од Лос Анџелес, игрите во Лондон се забавни, но сепак, во Пекинг како да имало повеќе возбуда.

„Не знам дали тоа е заради големината на градот. Во Пекинг беше се` некако збиено, тука е распространето“.

За Кинезите, Олимпијадата во Пекинг беше шанса да се рекламира богатството и моќта на државата, но кинеската влада истовремено држеше цврста контрола над политичките активности за време на игрите. Во Лондон, политичките активисти и другите демонстранти не се под таква стега. За Британците, Олимпијадата е само уште еден од многуте меѓународни спортски настани што се оддржуваат во Лондон во долга низа години.

Литванеџот Алиус Билунас, голем вљубеник во Олимпијадите, претпочита што во Лондон фокусот е на забавата и спортот, наспроти вештачката грандиозност на Пекинг.

„Во Кина помалку владееше напумпана атмосфера. Направија да изгледа подобро отколку што беше навистина. Лондон, пак покажа вистинска почит кон секого“.

И уште една разлика: многумина од овие следбеници на олимпијадите се чувствуваат попријатно во посвежата и влажна клима на Лондон, за разлика од летните горештини на Пекинг.
XS
SM
MD
LG