Линкови за пристапност

Загадување со светлина


Кога ѕвездите не се гледаат од силните градски светла – можно ли е враќање на трендот?

Ѕвезденото вечерно небо што го гледале нашите претци исчезнува за голем дел од населението на нашата планета. За тоа „светлосно загадување“ направен е документарец под наслов „The City Dark”. Режисер е Иен Чејни. Тој вели дека филмот започнува со многу едноставно прашање: Што губиме кога ќе ја загубиме ноќта и темнината на ноќното небо?

Тоа за Чејни е лично и глобално прашање, кој детството го минал посматрајќи ги ѕвездите на фармата на неговото семејство во рурален Мејн. Кога подоцна се преселил во Њујорк му недостигало ноќното небо, загуба што признава, тешко било да се квантифицира.

„Но на некој начин, тоа е експеримент што го применуваме на нас самите и на децата. Најголем дел од децата во светот сега растат без можност да ја видат галаксијата на Млечниот пат, овој појас на светла што претставува стотици милиони, милијарди ѕвезди во нашата домашна галаксија, каде нашето сонце е една од нив. И тоа ќе го почувствуваме – дали со помалку научници, или помалку поети или помалку филозофи. Но сигурно мислам дека нема крај на инспирацијата што ја добивате од прекрасен поглед на ноќното небо.“

Заедно со инспирацијата, има научно знаење што доаѓа од астрономите кои во вселената наоѓаат знаци за настанувањето на универзумот. Но професорот по астрономија на Колеџот Статен Ајленд, Ирвинг Робинс, во филмот вели дека директна опсервација е практично невозможна во големите градови зашто нивните светла се одбиваат од прашината во атмосферата и креираат дифузен розикав сјај што ги покрива сите освен неколку најсветли ѕвезди.

„Лимитирани сме во тоа колку длабоко во вселената можеме да одиме. Кога гледаме кон небото, тоа е како убава слика. Сега кога гледам е како да се избришани сите со исклучок на неколку точки. Тоа го прави светлосното загадување.“

„Кога светлината нема корисна димензија, туку само свети во вашиот прозорец каде спиете, мислам дека тоа е ужасен губиток на енергија“, вели Робинс.

Светлината е проблем и за птиците. Зоологот Дејвид Вилард од Чикаго, вели дека птиците преселници изгледа дека имаат ѕвездена мапа за навигација кога летаат во пролет и есен. Но вештачката светлина ги збунува и тие често ја следат и умираат од судир со препреки до неа. Вилард вели дека има околу милијарда птици годишно кои умираат летајќи во прозорци зашто од другата страна има светлина.

Премногу светлина не е добра и за луѓето, зашто го пореметува циклусот на ден и ноќ. Епидермологот Ричард Стивенс од Универзитетот на Конетикат вели дека има докази за зголемен број случаи на рак на дојка во индустријализираниот свет со зголемениот број на жени кои работат ноќе, на вештачко светло.

„Само пред неколку години Меѓународната агенција за истражување на ракот, што е дел од Светската здравствена организација, го изведе заклучокот за работа во смени како можен човечки карциноген“, вели Стивенс.

Производителите на светилки одговараат на се` поголеми барања за сијалици што имитираат природна светлина и во тек се напори за воспоставување на „заштитници на темного небо“. Режисерот Чејни се надева дека ноќното небо може да биде спасено. Има нешто што прави да сте комотни и што е естетски задоволувачко во градските светла, но сега треба да најдеме начин да го задржиме тоа и ѕвездите заедно, вели тој.
XS
SM
MD
LG