Линкови за пристапност

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во кавга за слободата на медиумите

  • Борјан Јовановски

Реакции по вчерашниот извештај на Репортери без граници.

Извештајот на меѓународната организација Репортери без граници - што искажува загриженост поради состојбата во областа на слободата на медиумите - ја брануваше домашната политичка сцена.

Опозиционерите го искористија извештајот уште еднаш да ја критикуваат власта. СДСМ ја повика Владата да ја разгледа Националната стратегија за медиуми и право на слобода на говор, што социјалдемократите ја објавија пред еден месец.

“Предлагаме и мораториум на владиното трошење на буџетски средства за рекламирање, се` до усвојувањето на стратегијата, која прецизно ќе ги дефинира критериумите за правична и транспарентна распределба на средствата во медиумите, без можност тие да се злоупотребуваат за влијание во уредувачката политика“, рече потпретседателката на партијата, Ана Павловска-Данева.

Стратегијата на СДСМ бара воспоставување на независен јавен радиодифузен сервис, со прецизни механизми за заштита од партиските влијанија, итно откажување на Законот за медиуми, враќање на независноста на Советот за радиодифузија и оневозможување на негова партизација.

На вавките ставови, соопштени на денешната прес-коферција во СДСМ, реагираа од владејачката партија.

„Оваа Влада е првата која го отвори дијалогот за подобрување на стандардите во новинарството. Подготвувањето на законот на медиуми не се одвива во никаква тајност, туку во неговото подготвување учествуваат високи експерти од Европската унија, кои пак во неколку наврати ја пофалија самата постапка и размислувањата на Владата по однос на овој закон“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопшението се потенцира дека пред две недели се постигна договор помеѓу Владата и Здружението на новинари, со кој се изврши усогласување на ставовите во насока на декриминализација на клеветата и подобрување на стандардите и работата во новинарството и дека за овие прашања се одвива дијалог со ЕУ.

Воедно, од владејачката партија одговорија и со конранапад.

„Не е слобода за медиуми кога блиски пријатели на Црвенковски и луѓе чии семејства се вклучени во активностите на СДСМ, по партиска одлука се вклучени во Советот за радиодифузија, како во случајот со Зоран Стефаноски, чија сопруга е висок функционер на СДСМ во Прилеп, а тој беше поставен за Претседател на Советот за Реадиодифузија. Дали под слобода на медиуми СДСМ подразбира тоа што нивниот партиски прес-центар треба да биде креатор на вестите, како што е случај со неколку про-опозициски медиуми, кои што се` повеќе наликуваат на партиски памфлети и мегафони на оваа партија“ стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
XS
SM
MD
LG